Штип и Пласница денеска ги избираат новите градоначалници

Граѓаните на општините Штип и Пласница денеска гласаат за избор на нов градоначалник. Избирачките места се отворени во 7, а ќе бидат затворени во 19 часот.

Штипјани избираат меѓу пет кандидати, додека жителите на Пласница помеѓу двајца.

Станува збор за предвремени избори бидејќи претходните градоначалници на двете општини добија нови функции во извршната и законодавната власт. Новите градоначалници ќе имаат мандат од девет месеци односно до редовните локални избори што треба да се одржат есента 2021.

Во Општина Штип денеска правото на глас можат да го остварат вкупно 41 777 избирачи. Во изводите од Избирачкиот список за гласање во Општина Штип се запишани 39 605 гласачи, а во посебниот избирачки список што се однесува на лица кои се на привремен престој или работа во странство се запишани 2 103 лица.

Во Општина Пласница, пак, право на глас имаат 4 954 граѓани од четири села, кои може да гласаат на девет избирачки места.

Претседателката на Општинската изборна комисија (ОИК) – Штип, Сенка Андреева вели дека избирачките места пред да се отворат се дезинфицирани. Членовите на избирачките одбори ја имаат потребната заштитна опрема и средства за дезинфекција и гласањето мора да го спроведат според здравствените протоколи, со држење на растојание од два метра, а исто и гласачите.

Поради здравствените протоколи, гласачите од пет избирачки места во Штип ќе гласаат на други локации, кои се во или во близина на нивните населби.

Изминатите два дена во Штип и Пласница гласаа ковид болните, лицата во изолација, болните и немоќни, осудениците и станари на геријатриски домови.

На денешното гласање потребно е да излезат една третина од вкупниот број гласачи на избирачкиот список, а ќе победи оној кандидат кој освоил мнозинство од гласовите на избирачите кои гласале. Според Изборниот законик, ако во првиот круг ниту еден кандидат не го добил потребното мнозинство, во вториот ќе се гласа за двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови. Ако има потреба, втор круг за овие предвремени избори ќе се одржи на 27 декември.