Штипска конфекција ќе мине во управување на вработените

Од 1 јануари, конфекцијата во штип, „Вабо“, ќе биде предадена на вработените. Газдата на конфекцијата, Ване Богдов, кој ја започнал оваа приказна уште пред цели 25 години, ја предава фирмата на своите вработени.

Со текстилната конфекција ќе раководи Тања Николова, технолог со долгогодишен работен стаж и Дарко Роглев, референт по извоз.

„Вчера имавме собир на работниците на кои ја објавив мојата одлука, а на кој собир ги претставив Николова и Роглев. Всушност на работниците им ја дадов на користење фабриката со целата опрема во неа при што во првата година нема да плаќаат никаков надомест за тоа, а од втората година, само под услов фабриката да работи со добивка, во што не се сомневам, ќе плаќаат минимална кирија за 1.250 метри квадратни производен простор колку што има конфекцијата“, изјави Ване Богдов за „истокпрес.мк

За да не дојде до заблуда, Богдов фабриката не им ја дава во сопственост на работниците, туку им ја предава на користење.

„Јас им ветив дека со своите врски со деловниот свет во државите од западна Европа со кои соработувам цели 25 години, без никаков надомест за себе, ќе им обезбедувам работа на еден подолг временски рок. Јас сум им гарант дека тие редовно ќе земаат плата зашто работа има за многу идни години. Важен е и фактот дека тие нема да имаат режиски работници“, рече Ване Богдов.