Штипската болница функционира со само 8 кардиолози и 23 медицински сестри за два региона во земјава, потребни се двојно повеќе

Началникот на одделението за кардиологија во клиничката болница Штип доктор Сашко Николов во интервју за МИА вели дека на болницата ѝ недостасува персонал, а дека на одделот за кардиологија му е потребна двапати повиска бројката на вработени од сегашната. Тој тврди дека има недостиг на вработени. Сега се функционира со осум кардиолози, 23 медицински сестри, двајца болничари и една хигиеничарка за пациенти од два региона во земјава. Смета дека со дуплирање на кадарот ова одделение ќе функционира перфектно.
-Клиничка болница во Штип располага со осум кардиолози. Кога ќе ги распоредите тие кардиолози по работни дејности, во еден работен ден и во една работна недела кој каде треба да биде, да покрива дежурства, треба да се покрива дежурна амбуланта, треба да се покрива ехо кардиоваскуларен кабинет, треба да се покрива доплер кабинет, треба да се покрива ангиографска  сала и треба да се покрива ангиографска сала што ќе биде 24/7. Има доктор кој дежура на 22 тешки пациента кои лежат, кои се захтевни од континуирана нега. Не може да го оставите сам пациентот во соба и двапати во текот на дежурство да го видите, мора да бидете 24/7 со пациентите. Од друга страна, 21 век и времето во кое живееме налага голем број пациенти со кардиолошки проблеми, посебно хипертензија, градна болка, сите тие доаѓаат во текот на еден работен ден, во едно деноноќие. Ако ви кажам дека после работното време, после три часот, до наредниот ден, после 50, 60 прегледи има еден доктор и треба да се грижи и за пациентите кои се стентирани и за пациентите кои  се хоспитализирани во тешка здравствена состојба. Тоа со еден доктор не се постигнува. Ако разбереме дека на секое одделение имаме по една сестра што се грижи за 10 до 12 пациенти на интезивниот дел, уште 12 пациенти на полуинтензивниот дел, тоа е многу малку персонал. Меѓутоа, и со овој персонал што го имаме, ние се трудиме да дадеме максимален одговор на барањата што ги имаат нашите пациенти, вели доктор Николов.