Штипскиот Универзитет ќе соработува со ТИР зоните

Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип и Дирекцијата за развој на Технолошко индустриски зони потпишаа меморандум за соработка. Целта на меморандумот е да се овозможи на студентите да влезат во фирмите во ТИР зоните низ земјава.

-Ние како Универзитет имаме намера да правиме употребливи производи за индустријата, посебно за овие ТИР зони, кои се генератор за развојот во Македонија и мислам дека доминатниот дел од приходите се од таму, во делот на извозот – вели ректорот на Универзитетот, Блажо Боев.

Тој посочи дека соработката со ТИР зоните е значајна, со цел студентите на УГД-Штип да најдат квалитетно вработување.

Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски истакна дека ова е чекор за отварање на нови можности и перспективи за младите, студентите. Тој најави дека ваква соработка ќе биде воспоставена и со останатите државни и приватни Универзитети во земјава, со цел младите да добијат вработување, но и солидни плати, кои ќе ги мотивиарат да останат во своите општини.

-Соработката подразбира заеднички да работиме и со компаниите во ТИР зоните на отварање на можности, секако практична работа на студентите, стекнување на вештини, второ да искомуницираме за сите можности, кои стојат на располагање, бидејќи пред нас се и нови инвестиции, во вредност од над 120 милиони евра, коишто треба да отварат над 2.000 нови работни места. Инсистираме на тие работни места платите да бидат над просекот – изјави Деспотовски.

Тој посочи дека има многу можности за соработка меѓу универзитетите, ТИР зоните и компаниите, кои се во нив. Деспотовски потенцираше иницијативата за соработка доаѓа од Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип и е прв Универзитет во земјава, со кој се потпишува ваков меморандум.