Пензионерите од Штип денеска пред просториите на Здружението на пензионери одржаа протест, барајќи линеарно зголемување на пензиите за 3.500 денари. Соња Ристовска од Инцијативниот одбор на пензионерите вели дека едно од барањата е и промена на методологијата за пресметка на пензиите.
„Тука не сме сега дојдени од лудост, туку за гордост, за да го зачуваме достоинството и единството. Силата е во нашето единство“, вели Ристовска.
Таа ги повика штипските пензионери кои се заинтересирана да присуствуваат на протестот во Скопје на 20 септември. Заинтересираните да се пријават во Здружението, со цел да се обезбеди превоз. Пензионерите кои денеска протестираа најавија дека до 20 септември ќе имаат мирни собири и протест, без да има, каковшто велат, нападни пароли и пораки. На собирите ќе ги потенцираат барањата на пензионерите.