Војна за наследување на Фетула Ѓулен во доброволен егзил во Пенсилванија и милијардите на неговата организација во САД, неуспешниот воен удар, тајните служби и десетиците киднапирања на Турци од балканските земји се разгледуваат во анализите по смртта на турскиот исламистички проповедник.
Важно поглавје во поновата историја на Турција се затвора со смртта на имамот Фетула Ѓулен, кој од проповедник на „толерантен“ политички ислам и ментор на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, се претвори во негов смртен непријател, обвинет за организатор на обидот за пуч во 2016 година и стана најбараната личнос од турските власти се додека не издивна во егзил во САД на 86-годишна возраст.
Турските медиуми под контрола на Ердоган објавуваа и во други прилики за наводна смрт на Ѓулен, но неговите соработници ги демантираа. Сепак, извештаите од понеделникот од Турција, во кои се детализирани последните часови на исламистичкиот водач (кој боледувал од откажување на бубрезите, дијабетес и деменција), не се демантирани. Наместо тоа, веста за смртта на Ѓулен ја потврди неговиот внук.
Претходно, Hercul, веб-страница која ги објавува проповедите на Ѓулен, на социјалната платформа Х објави дека Ѓулен починал во неделата вечерта во американска болница каде што бил на лекување.
Војна за наследување на Ѓулен – Милијарди на организацијата во САД
Според турскиот печат, уште на смртната постела на Ѓулен избувнала војна поради наследувањето и поделбата на огромното богатство на институциите контролирани од организацијата ширум светот. Се вели дека во борбата учествуваат водечки личности во американскиот и европскиот огранок на организацијата.
Минатиот април имаше интензивни слухови и тврдења дека двајца блиски соработници на Ѓулен го „киднапирале“ од неговото седиште (вила во Пенсилванија, каде што живееше од 1999 година) и го однеле на непозната локација. Американските агенции кои внимателно го следеа Ѓулен сигурно знаат повеќе за тоа што се случило, но никогаш не го коментираа случајот.
Турските извештаи се проверуваат за точност и целисходност, но имотот на организацијата основана и раководена од Фетула Ѓулен се проценува на милијарди долари во САД. Прометот само од исламистичките образовни институции во Америка, а ги има и на Балканот и во западна Европа, се проценува на 200 до 250 милиони долари годишно, несметајќи ги приходите од стотици имоти за кои се вели дека ѝ припаѓаат на организацијата.
Неуспешниот пуч, тајните служби и десетици турски киднапирања
Од неуспешниот пуч кон средината на јули 2016 година до денес, турските тајни служби киднапираа десетици Турци од земјите на Балканот, Европа, Азија и Африка и ги префрлија во Турција за да одговараат пред судовите за неуспешниот обид за воен државен удар, за заговор, убиства и други кривични дела во ткн „држава во држава“.
Со смртта на Ѓулен, Ердоган се ослободува од еден од неговите најважни непријатели. Во критичните први години од претседателствувањето на Ердоган, организацијата на Ѓулен ѝ помогна на владејачката Партија на правдата и развојот (AKP) да го победи државниот апарат. Меѓутоа, она што следеше беше гневен конфликт околу финансиски скандали, прислушувања, изнуди и монтирани судења, контрола на медиумите од стана на Ѓуленистите, што кулминираше со обидот за државен удар за кој Ердоган го обвини американскиот заговор со организацијата на Ѓулен која ја означува како FETO и ја прогласи за терористичка.
Разијдување со Ердоган
Фетулах Ѓулен, кој изгради моќно исламско движење во Турција и пошироко, некогаш беше сојузник на Ердоган, но оттогаш тие се разијдоа, а турскиот претседател не престана да го смета за одговорен за постојаното поткопување на неговата власт што кулминираше со обидот за државен удар во 2016 година во кој одметнати војници запленија воени авиони, тенкови и хеликоптери. Во обидот за преземање на власта загинаа околу 250 луѓе. Ѓулен негираше дека е вмешан во пучот.
Според неговите следбеници, движењето на Ѓулен, познато како „Хизмет“, што значи „услуга“ на турски, се обидува да шири умерен вид на ислам кој промовира западно образование, слободни пазари и меѓурелигиски дијалог, блиско на неоконзерватвините вредности и со стратегија којашто потсетува на Отвореното општество на американскиот берзански шпекулант Џорџ Сорос.
По неуспешниот пуч, неговото движење беше систематски згаснувано во Турција, а неговото влијание се намали и на меѓународно ниво.
Познат на неговите поддржувачи како оџа ефенди, или почитуван учител, Ѓулен е роден во село во источната турска провинција Ерзурум во 1941 година. Ѓулен беше назначен за имам на џамија во северозападниот град Едрене во 1959 година и стана истакнат проповедник во 1960-те во западната провинција Измир, каде што основаше студентски домови и проповедаше во чајџилници.
Студентските домови претставуваа почеток на наводно неформалната мрежа која ќе се прошири во следните децении низ областите на образованието, претприемништвото, медиумите и државните институции, што на своите поддржувачи им обезбеди големо влијание. Преку мрежата на училишта влијанието се прошири и надвор од турските граници во земјите на Балканот, во Централна Азија, Југоисточна Европа, Африка и Западот.
Ѓулен беше близок сојузник на Ердоган и неговата Партија на правдата и развојот (AKP), но растечките тензии во нивните односи кулминираа во декември 2013 година кога мнпоштвото медиуми под контрила на Ѓуленистите лиферуваа истраги на полицијата која ја контролираа за корупција против министри и функционери блиски до Ердоган. Зад истрагата се веруваше дека стојат обвинители и полициски службеници од движењето на Ѓулен, Хизмет, а во 2014 година беше издаден налог за апсење на Ѓулен. Две години подоцна, неговото движење беше прогласено за терористичка група.
Набргу по обидот за пуч во 2016 година, Ердоган ја нарече мрежата на Ѓулен „како рак“ и вети дека ќе ги искорени предавниците каде и да се. Стотици образовни центри, холдинзи, компании, медиумски империи и здруженија поврзани со Ѓулен се затворени, а нивниот имот е конфискуван.
„Како некој кој претрпел повеќекратни преврати во изминатите пет децении, особено е навредливо да се биде обвинет за каква било поврзаност со таков обид“, рече тој во изјавата во врска со пропаднатиот воен удар кога целта на пучистите, според турските медиуми, била и физичка ликвидација на Ердоган.
Најмалку 77.000 луѓе се уапсени, а 150.000 јавни службеници, вклучително и наставници, судии и војници, се суспендирани според вонредната состојба воведена по неуспешниот пуч, за кој владата рече дека бил насочен против следбениците на Ѓулен.
Компаниите и медиумите за кои се верува дека се поврзани со Ѓулен се затворени или преземени од државата. Турската влада рече дека нејзините дејствија се оправдани поради големината на заканата што ја претставуваше пучот за земјата.
Ѓулен, исто така, стана изолирана личност во Турција, каде што беше демонизиран од поддржувачите на Ердоган и избегнуван од опозицијата, која ја гледа неговата мрежа како децениски заговор за поткопување на секуларните основи на републиката.
Анкара долго време безуспешно се обидуваше да го екстрадира од САД.
Говорејќи на неговиот затворен имот во планините Поконо во Пенсилванија, Ѓулен во интервју за Reuters во 2017 година рече дека нема намера да избега од САД за да избегне екстрадиција. Дури и тогаш изгледал слаб: одвај одел, а покрај него постојано бил и неговито личен лекар, како што беше опишан од аенцијата.
Ѓулен отпатува во САД на лекување, но тврдеше дека останал таму бидејќи му се заканувале со кривична постапка во Турција.