Што превезувале возилата за кои Заев ургирал да влезат во Македонија?!

Телефонскиот повик на премиерот Зоран Заев со кој тој ургирал на граничниот премин Деве Баир да се пропуштат возила, Владата срамно го прикрива. Министерството за внатрешни работи, пак, втор ден молчи и не дава одговор на поставените прашања.

Во соопштението кое синоќа го објави Владата во врска со овој скандал, се вели дека „најостро ги отфрлаат грубите манипулации“.

„Владата на својата 51 седница, кога беше донесена актуелната одлука за ограничување на движењето, со посебен заклучок определи дека ќе се пропуштаат сите патници со возила кои ја напуштиле територијата на земјата пред воведувањето на забраната. Дополнително, на седница на Главниот кризен штаб донесен е заклучок дека сите наши граѓани што се враќаат од странство и влегуваат на територијата на Северна Македонија, на кој било од граничните премини, во временски период додека важи забраната и посебниот режим на движење, да им биде одобрено движење од граничниот премин до нивното престојувалиште или живеалиште. Правата важат за сите. Секој граѓанин затекнат на граница после 22:00 часот има право да стигне до својот дом и никој не смее да не го обезбеди или да го попречува тоа право. Оттаму нашите гранични служби мора да ги пропуштат сите патници, државјани на Северна Македонија, кои ќе се затекнат на некој од копнените гранични премини по 22:00 часот, без да има потреба од какви било укажувања, стои во владиното соопштение.

Правото секој граѓанин да стигне до својот дом не е спорно во никој случај, но останува нејасно зошто и при ваква донесена одлука од Владата, премиерот морал да се јави и лично да ургира.

Курир вчера објави службена белешка во која се наведува дека на 14.03.2021 во 01:00 часот, на ГП „Деве Баир“ се пуштени за влез во Македонија пет патнички возила. Според информациите, службениците имаат пријавено дека биле исконтактирани лично од премиерот Зоран Заев дека на тие возила, со патниците меѓу кои имало и деца, треба да им се дозволи влез во земјата.

Министерството за внатрешни работи, исто така, и натаму молчи и нема одговор на поставените прашања. Се отвора основен простор за сомнеж дека настанот надлежните сакаат да го сокријат, а сомнежите се потврдуваат во моментот кога Курир доаѓа до службена белешка за истиот настан, но со направени корекции. Името на премиерот „исчезнува“ од пријавата.

Остануваат отворени многу прашања, за кои мора да следува не само одговори, туку и одговорност.

Кој постапил по наредбите на Заев? Кој лично ја дал наредбата и во какви услови? Кој се обидува да го сокрие овој случај? Во која улога Заев се јавува на гранични премини да дава насоки?

„Не знам зошто треба премиер да се јави на граница, кога сега нема гужви, освен ако не шверцуваат нешто со нив, зошто би требало да се јави. Застануваш на пасошка контрола и тоа не е работа повеќе од 2-3 минути, освен ако тие со нив не носеле нешто недозволиво. И навистина мене не ме чуди да се јавува Заев за такви работи, но да се годишни одмори, да е оној период кога се оди на скиејање пак некако да имаме разбирање. Сега апсолутно границата е мирна, зошто би требало да се јави премиерот единствено ако ти не носеле нешто недозволиво. Најверојатно Заев не се занимава со битните, крупни работи. Тоа зависи од капацитетот на човекот, дали ќе се бавиш со глобална политика, со државна политика или ќе се занимавш со Деве Баир границата кој проаѓал и кој требалоло да помине, дали пријател, дали непријател, дали шверцер и така натаму“, рече вчера во телевизиско гостување претседателот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, праша што превезувале тие пет патнички возила и кои се луѓето за кои Зоран Заев лично ургирал да бидат пропуштени ноќеска?

„Дали ова е уште еден потенцијален шверц, кој се обидува да го одмолчи и сокрие МВР? Заташкувањето на ваков случај е само потврда дека власта се обидува да сокрие нешто, а лично за тоа е одговорен Зоран Заев. Кршењето на законите не е ништо ново ниту за Заев, ниту пак за власта“, рече Арсовски.

Јавноста сѐ уште очекува одговори за прашањата.