Што се крие зад случајот со државна кардиохирургија?

Кардиохирургија се најде во центарот на многу нејасни случувања откако во јавноста беше доставен извештај што ја оценува работата на единствената државна кардиохирургија, и со изнесеното, целосно ја дискредитира работата на целиот тим доктори специјалисти.

Следејќи го овој извештај министерот во заминување Илир Демири, побрза да го разреши директор на кардиохирургија, Марјан Шокаровски. Причина е извештајот, односно тоа што беше изнесено во него – зголемена смртност на клиниката и 170 „фантомски пациенти“ кои не биле заведени во „Мој термин“. Тука веќе започнува се’ што е и сомнително, а и симптоматично во овој случај.

Прво извештајот, односно оваа анализа, никаде не беше презентирана. Направена е според чудни методи, а оние што се потпишани на извештајот прашањето е дали поседуваат соодветен профил за вакви анализи?

На ова, Државна кардиохирургија подготви анализа за својата работа според прецизна статистика и метод на пресметката соодветен за здравствени анализи, како и интерна стручна анализа која го покажува спротивното – смртноста на клиниката опаѓа, иако на лекување доаѓаат пациенти во сѐ потешка здравствена состојба.

Меѓу овие спротивни анализи и прашална легитимност на министерот за какви било одлуки, се појавува документ дека самиот министер неодамна потпишал решение за формирање Комисија за оценка за капацитетите на „Ремедика“ за отворање на Кардиоваскуларна хирургија, пишува „Плусинфо“.

Повикувајќи се на сопствени извори „Плусинфо“ објавува дека главен на Кардиоваскуларна хирургија во „Ремедика“ ќе биде токму д-р Сашко Јовев, заедно со уште двајца кардиохирурзи од соседна Србија. А, во ова решение за оценка на капацитетите на „Ремедика“ се појавуваат истите имиња што се во спорниот извештај со кој се дискредитира работата на Кардиохирургија.

На тој извештај дел од потпишани се доц. д-р Никола Граматниковски и проф. д-р Горан Кондов. Случајно или не, на комисијата за оценување на капацитетноста на новата Кардиохирургија се наведени двајцата од извештајот, д-р Никола Граматниковски, проф. д-р Горан Кондов и уште д-р Сашко Јовев.

Создавањето на оваа комисија се одвива во целосна тајност, затоа што претпоставцките се дека никој од правната служба не учествувал, ниту го одобрил ваквиот акт. Симптоматично е дека сите овие работи се случуваат во ист период и пред заминување на министерот. Дали тоа зборува за постоење на конкретни мотиви зад извештајот за работата на кардиохиругија и за целосното уништување на единствената државна кардиохируршка клиника. Како и дали туркањето на оваа идеја за уште една приватна Кардиохирургија за сметка на државната е мотивот за целосно уништување на државните капацитети.