Што се случува на медицинскиот факултет – Скопје?

По добиените материјали од страна на д-р Наташа Давчева на мојот мејл го поставувам следното прашање: Зарем ова е можно? (за случувањата на овој Институт за судска медицина и тамошните проблеми, сум водел вонреден инспекциски надзор во период 2017 година). Зошто до сега не се надминати и подобриле односите на овој Институт? И читајќи ги сите случувања и патешествија, мобинзи кои ги добива од страна на раководителот на Институтот за судска медицина, вон. проф. д-р Александар Станков, кој како што се наведува во добиените материјали „не е соодветно да ме рецензира и оценува, од причини што тој долги години ме дискриминира со реченицата: Каде пишува дека ти МОРА да напредуваш?, а една година воопшто не комуницира со мене и ми го руши достоинството пред вработените, а исто така си дозволил да се јавува во државни институции за да ме блокира во постапка на која имам право согласно закон“.

Која е д-р Наташа Давчева

Д-р Наташа Давчева, вработена на Институтот за судска медицина на Медицинскиот факултет при УКИМ-Скопје, истакнува дека има веќе 26 години работа и е втор најстар специјалист на судска медицина, кој 26 години од својот живот го посветила на дејноста на Институтот. Асистент била на Катедрата по судска медицина, вкупно 19 години, така што четири пати била избрана од страна на наставно-научниот совет при Медицинскиот факултет при УКИМ. Автор на 87 научно – истражувачки трудови од областа на судската медицина, од кои 34 in extenso и во странски списанија (60 трудови и 2 книги пријавени на Репозиториумот на УКИМ), автор на две книги од областа на судската медицина

„По 19-годишен асистентски стаж, добивам писмо со закана за дисциплинска постапка доколку не се одлучам: Дали ќе бидам асистент (со асистентски стаж 19 години) на Медицинскиот факултет при УКИМ или насловен доцент на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип, каде во 2017 година, продолжив со настава на УГД-Штип, каде денес сум насловен вонреден професор“. Во меѓувреме вели Наташа Давчева „сум избрана и реизбрана за доцент на Медицинскиот факултет при Универзитетот во Марибор, Словенија, членка на Европска Унија“.

Какво изненадување од Катедрата за судска медицина

По 9 години се отвора конкурс на Катедрата за судска медицина. За изненадување на Наташа Давчева, која била 19 години асистент, кога е отворен конкурсот едниот колега е штотуку докториран, а помлада нејзина колешка се јавува на конкурсот само една (1) недела по докторирањето, и сето ова во тајност. Давчева за конкурсот не е известена, односно не е запозната!

Ова е големо „филмско сценарио“ на Институтот за судска медицина на Медицинскиот факултет при УКИМ-Скопје, каде што раководител е вон. проф. д-р Александар Станков.

Целокупната постапка на избор на овие колеги, особено на младата штотуку докторирана колешка е посебна приказна во изборните процедури. Па така, „филмското сценарио“ продолжува на оваа Катедра за судска медицина, па на почетокот на 2024 година, докторирала уште една млада колешка и за еден (1) месец се отвора уште еден конкурс, но сега, благодарение на луѓе со интегритет во рамките на факултетот, Наташа Давчева го дознава и конкурира на него.

Конкурирање на објавениот Конкурс

Објавениот конкурс од 07.02.2024 година, е за избор во сите наставно-научни звања, од научната област судска медицина, форензична психијатрија и медицинска етика и деонтологија. Имајќи ја предвид значајноста на актуелниот Конкурс од 07.02.2024, за кој повторно не била известена од раководителите на институтот и катедрата, а на кој се јавила, Наташа Давчева се обратила до Деканот и Кадровскиот одбор на факултетот, со кои укажала дека треба со посебно внимание да се изврши изборот на Рецензионата комисија, дека е есенцијално потребно во Рецензионата комисија да бидат вклучени двајца надворешни рецензенти, кои ќе бидат објективни, непристрасни и неоптоварени со меѓучовечките односи внатре во Институтот, при што предложила вкупно 8 потенцијални рецензенти од сите земји на Балканот (Словенија, Хрватска, Србија, Бугарија и сл.). Со слично писмо се обратила и до Катедрата за судска медицина.

Формирана рецензентска комисија

Наставно-научниот совет на Медицинскиот факултет-Скопје, на 10.07.2024 година, формира рецензиона комисија по објавениот конкурс за избор во сите наставно-научни звања, од научната област судска медицина, форензична психијатрија и медицинска етика и деонтологија, во состав: професорите Д-р Верица Попоска, д-р Златко Јаќовски, д-р Александар Станков (раководител на Институтот за судска медицина), сите од Катедрата за судска медицина од Медицинскиот факултет-Скопје, д-р Јулија Живановиќ Богдановска професор на Катедрата на анатомија при Медицинскиот факултет-Скопје и д-р Славица Костатдинова Куновска, вон.професор на Катедрата на патологија при Медицинскиот факултет-Скопје.

И покрај укажувањата на д-р Наташа Давчева, како член е изгласан раководителот на институтот, потоа раководителот на катедрата, уште еден редовен професор од институтот, како и две професорки од Медицинскиот факултет Скопје како надворешни членови. Со таквата одлука, за жал, како што наведува д-р Наташа Давчева „не беа обезбедени ниту елементарни услови за фер и објективно одлучување, што доби кулминација и еклатантно прекршување на дискреционите права на комисијата, токму во објавата на Рефератот во Билтенот бр. 1315 од 01.10.2024година“.

Што стои во објавениот Билтен на УКИМ бр.1315 од 1.10.2024 година

Од рефератот и извештајот од објавениот Билтен на УКИМ бр.1315 од 1.10.2024 година, конкурирале две кандидатки и тоа д-р Наташа Давчева и кандидат В.Б.С. (ги наведувам иницијалите, вработена на Катедрата за судска медицина при Медицински факултет-Скопје). Накратко од извештајот и рефератот би издвоил што констатирала рецензионата комисија во состав: професорите Д-р Верица Попоска, д-р Златко Јаќовски, д-р Александар Станков (раководител на Институтот за судска медицина), сите од Катедрата за судска медицина од Медицинскиот факултет-Скопје, д-р Јулија Живановиќ Богдановска професор на Катедрата на анатомија при Медицинскиот факултет-Скопје и д-р Славица Костадинова Куновска, вон. професор на Катедрата на патологија при Медицинскиот факултет-Скопје. Двете кандидатки ги исполнуваат општите и посебните услови во избор во наставно-научно звање од соодветната област.

Од професионалните референци на кандидатите за избор во звање целокупната документација во врска со наставно-образовното, научно-истражувачката и стручно-применувачка дејност, како и дејност од поширок интерес, Рецензионата комисија кандидатката д-р Наташа Давчева ја оценила со 835,974 поени, наспроти другата кандидатка која е оценета со 374,94 поени.

Дали е потребен коментар почитувани професори на Медицинскиот факултет, почитувани професори на УКИМ и сите останати членови на академската заедница и научната јавност?

Парадокс- заклучок и предлог на рецензионата комисија

Почитувани професори на академската заедница и научната јавност, погледнете го парадоксот на рецензионата комисија во состав: професорите Д-р Верица Попоска, д-р Златко Јаќовски, д-р Александар Станков (раководител на Институтот за судска медицина), сите од Катедрата за судска медицина од Медицинскиот факултет-Скопје, д-р Јулија Живановиќ Богдановска професор на Катедрата на анатомија при Медицинскиот факултет-Скопје и д-р Славица Костатдинова Куновска, вон. професор на Катедрата на патологија при Медицинскиот факултет-Скопје. Еве го парадоксот: Откако позитивно ги вреднувала постигнувањата на двете кандидатки, комисијата се одлучила да го подели заклучокот на две точки (спротивно на упатството дадено од УКИМ) при што во двете точки зборува само за кандидатот В.Б.С. (игнорирајќи го вториот кандидат д-р Наташа Давчева која ја оцениле со 835,974 поени, наспроти В.Б.С. со 374,94 поени), за која е утврдено дека ги исполнува условите од Правилникот за избор и таа да биде избрана во звање доцент на соодветната област. Притоа, комисијата воопшто не ја споменува другата кандидатка (д-р Наташа Давчева) и не се изјаснува, дали таа ги исполнува условите.

Моите конкретни прашања до рецензионата комисија

  • Дали примариус на Медицинскиот факултет при УКИМ-Скопје, д-р Наташа Давчева, која воедно е и насловен вонреден професор на Факултетот за медицински науки при УГД- Штип и доцент на Медицинскиот факултет во Марибор, Република Словенија (ЕУ), со 87 научни трудови, со 23 труда објавени во странски публикации со Импакт фактор, четири пати бирана во насловно звање во Македонија, но и во земја член на Европската Унија (ЕУ), со две напишани учебни помагала, ЗОШТО И ПО КОЈ КРИТЕРИУМ И МЕРИТ СИСТЕМ НЕ Е ПРЕДЛОЖЕНА ЗА ИЗБОР?
  • Ја прашувам рецензионата комисија: Дали се оспорува судско-медицинскиот карактер на докторатот на д-р Наташа Давчева, и после 10 години која е веќе професор по судска медицина на други универзитети во земјава и во ЕУ, докторат од кој се произлезени 22 публикации објавени во списанија како Journal of forensic and legal medicine (британско) и American journal of forensic medicine (официјалниот журнал на Американската асоцијација на судски доктори),зарем не е груба злоупотреба на дискреционите права, што подлежи на кривична одговорност. Во повеќето земји на ЕУ доволно е само една публикација во журнал од таков калибар како потврда на вредноста на докторатот.
  •  Со право се поставува прашањето: Дали комисијата постапува според принципите на вистинитост и објективност?

Има многу прашања. Но, овој пример со д-р Наташа Давчева е показател и сигнал, зошто стручните кадри ја напуштаат нашата држава Македонија, и повеќе се ценети и признати во другите земји во Европа и пошироко отколку дома.

Каде е вината и кај кого? Каде е медицинската и човечката етика! Дали ја имате?

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес

.