Вработените во германскиот автомобилски гигант „Фолксваген“ денеска започнаа предупредувачки штрајкови со привремени прекини на работата низ цела Германија, откако преговорите меѓу синдикатот и менаџментот за намалување на трошоците засега не донесоа резултати.
– Доколку е потребно, ова ќе биде најтешката битка во историјата на колективното преговарање на „Фолксваген“ – изјави водечкиот преговарач на синдикатот ИГ Метал, Торстен Грегер.
Карактеристичната корпоративна структура на „Фолксваген“ им овозможува на работниците значително влијание врз носењето одлуки, што му отежнува на менаџментот еднострано да спроведе мерки за намалување на трошоците или радикални резови, пренесува Блумберг. Работничките претставници заземаат половина од местата во надзорните одбори на компанијата, додека сојузната држава Долна Саксонија, каде што е седиштето на компанијата, има уште две места.
Познатиот германски производител на автомобили се соочува со проблеми како резултат на падот на побарувачката за електрични возила, зголемените оперативни трошоци и растечката конкуренција од кинеските производители.
Менаџментот на „Фолксваген“ планира да затвори три фабрики во Германија и да отпушти илјадници работници за да ги намали трошоците. Сепак, синдикатите инсистираат на алтернативни решенија кои би ги зачувале работните места и правата на работниците.
Акциите на „Фолксваген“ денеска паднаа за 1,9 проценти, додава њујоршката агенција.