Автобуските и трамвајските станици ширум Германија во петокот беа во застој, предизвикувајќи попречување на милиони патници и патници, додека 90.000 работници во јавниот транспорт беа повикани на штрајк за да побараат подобри услови за работа.
По штрајкот на машиновозачите и персоналот за обезбедување на аеродромите, ова е трет штрајк што ги погодува патниците во Германија оваа седмица.
Вработените во повеќе од 130 градски претпријатија за јавен превоз во Германија во петокот започнаа еднодневен предупредувачки штрајк, со кој синдикатот на работниците во секорот јавни услуги Verdi сака да осигури подобри услови за работа и повисоки плати, а третиот голем штрајк оваа седмица предизвика нови прекини во сообраќајот за милиони патници.
Синдикатот Verdi повика на штрајк повеќе од 90.000 свои членови вработени во јавните транспортни претпријатија низ Германија. Според најавите, штрајкот ќе трае од петокот во три часот наутро до истото време во сабота. Во некои градови, како Берлин, штрајкот траеше само до 10 часот, а сообраќајот полека се нормализираше во текот на денот.
Штрајкот ширум Германија предизвика дополнителен метеж на патиштата, имајќи предвид дека многумина на работа наместо со јавен превоз отидоа со автомобили.
Од Verdi најавија дека недостигот од кадар доведува до дополнително оптоварување на вработените во јавниот сообраќај и бараат од работодавачите да ги зголемат платите за да привлечат повеќе потенцијални возачи на автобуси, трамваји и во метро-железниците.
„Треба брзо да најдеме решение за растоварување на вработените“, се вели во соопштението за печатот на Verdi.
Истовремено, Сојузниот завод за статистика во Визбаден предупреди на уште поголем недостиг од возачи во јавниот превоз, со оглед на високата просечна возраст на вработените од 55 години.
Покрај подобрувањето на работните услови, Verdi бара од работодавците и зголемување на платите, а барањата варираат во зависност од сојузната покраина.