Штајкот во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) продолжува и денеска, втор ден по ред, откако од вчера вработените во подрачните единици ги извршуваат само најитните работни задачи.
Според најавеното, непречено ќе работат лекарските комисии што ги продолжуваат боледувањата на вработените за тие што имаат потреба, а ќе бидат скратени услугите што се однесуваат на барање на рехабилитација, за ортопедски помагала, заверка на ортопедски помагала, за надомести за породилно отсуство и за исплата на боледување, за осигурување во странство, за двојазични обрасци итн.
Синдикатите и вработените во ФЗО вчера побараа техничкиот премиер Талат Џафери да го стави на дневен ред барањето на вработените во Фондот со кое ќе се поништи препораката за намалување на нивните плати.
Во изјава за МИА, Џафери вели дека имал координација со институциите за да се согледаат причините за штрајкот во ФЗО и додава дека треба повторно да се разгледа кој дел одлуката е спорна.
„Веќе имавме координативна средба со институциите за да согледаме од каде потекнуваат причините за тоа. И секако институциите добиваат соодветна критика зошто дошле во ситуација по пат на јавен искажан став, преку протести и штрајк, да се дојде до право коешто е стекнато со определени одлуки, и веројатно тоа е оставина од начинот на менаџирање на соодветните институции кои се надлежни по односните прашања“, изјави Џафери во интервју за МИА.
Додава дека правото на штрајк е неспорно право обезбедено за секој, но дека институциите имаат обврска да ги спроведат своите обврски за вработените да остваруваат права преку штрајк.
Вработените во ФЗО штрајкуваат поради препораката на Владата за намалување на нивните платите за 21 отсто.