Штрајкот во образованието продолжува додека не се решат сите спорни прашања

Штрајкот во училиштата и градинките ќе продолжи, одлучи Советот на Синдикатот на образование наука и култура (СОНК), откако ги разгледа и донесе свои ставови за заклучоците кои произлегоа од вчерашната владина седница.

„Штрајкот ќе продолжи се дотогаш додека не се договориме по спорните прашања и не потпишеме спогодба за истите“, рече на прес конференција претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

Според СОНК, вчерашните владини заклучоци не водат кон решавање на несогласувањата со Владата и сметаат дека се врши огромен притисок врз наставниците и воспитниот кадар во градинките.

Наспроти заклучокот на Владата дека МТСП и Министерството за труд и социјална политика ќе им исплатат само придонеси на штрајкувачите, СОНК вели дека не е така и оти министерствата се должи да им исплатат и плати.

„Одредени министри се обидуваат упорно да ги заплашуваат поддржувачите дека ќе им бидат скратени дневниците во деновите на штрајк што го сметаме за обид за спречување на штрајкот. Освен законското право на исплата на плата при штрајк постојат и членови на колективните договори со кои се допрецизира исплаќањето на дневници, во кои се вели: Работодавецот е должен да исплати надоместок на плата за работниците за време на штрајк за работниците кои учествуваат во штрајкот во висина од основната плата на работникот доколку синдикатот организира штрајк заради кршење на правата утврдени со закон, колективен договор или акт на работодавецот. Според тоа, не треба да се заплашуваат дека ќе им бидат скратени дневници“, рече Неделков.

За одлуката на Владата со ребаланс на Буџетот да се обезбедат пари за 10 отсто покачување на платите, СОНК смета со тоа се бетонира понудата и не се остава простор за дополнителни преговори. Синдикатот претходно ја отфрли ваквата понуда барајќи покачувањето да биде околу 18 отсто.

Неделков рече и дека СОНК не чувствува никаква одговорност врз основа на кој правен акт е прекинат воспитно образовниот процес и наброја неколку одлуки кои се документирани.

„Формирана е работна група за изготвување колективен договор од страна на владини министри кои со репрезентативниот синдикат ќе преговараат за правата на работниците во јавниот сектор што не наведува на констатација дека се работи за општ колективен договор во јавниот сектор, што не беше барање на СОНК односно произлегува дека колективните договори за детска заштита, основно и средно образование ќе почекаат“, рече Неделков.

Во врска со владините заклучоци во врска со штрајко, министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири денеска дадоа изјави.

Тренчевска порача дека тоа што на штрајкувачите ќе им се платат само надоместоци не е никаков притисок туку почитување на законите, а го прозва СОНК дека тој има законска можност во време на штрајк да им даде плати на своите членови.

„Во колективниот договор убаво е дефинирано што во случај на штрајк и што е должен работодавецот. Истото е дефинирано и во Законот за работни односи кој вели дека во услови на штрајк работодавецот е должен да им исплати придонеси на сите оние работници кои штрајкуваат на најниската основица за исплата на придонесите“, рече таа.

Шаќири, пак, посочи дека доколку СОНК одлучи да продолжи со штрајкот, утре ќе се собираат податоци од училиштата да се види колку наставници не одржуваат настава и да се најде решение.

„Ние како МОН ќе ги разгледаме сите законски можности во делот на начинот реализација на наставата. Знам дека денеска дел од наставниците кои беа вклучени во штрајкот, доброволно се вратени. Некои, можеби не се задоволни со понуденото, но заради интересот на децата се вратени во образовниот процес. Утре ќе се собираат податоци за реалната ситуација, потоа ќе видиме“, изјави денеска Шаќири.