Поради слабиот одзив од страна на вработените во Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ најавениот штрајк на синдикатот „Спајс“ денеска траеше само два часа. Утрово во 4:30 часот пред седиштето на јавното претпријатие во Автокоманда имаше само триесетина вработени кои протестираа, а за тоа време нивните колеги со автобусите почнаа да сообраќаат по утринскиот возен ред.
Оние што беа на протестот одлучија да се повлечат и да продолжат да работат во интерес на граѓаните, а своите барања ќе продолжат да ги бараат од септември.
Од Синдикатот „Спајс“, кои беа организатори на штрајкот, велат дека нема да застанат тука и најавуваат дека од септември, кога, како што рекоа, ќе бидат повеќе подготвени ќе продолжат со барањата. Тогаш, како што велат оттаму, вработените ќе видат кој е вистинскиот синдикат и кој се бори за нивните права. Од „Спајс“ велат дека не бараат ништо што е надвор од рамките на законот и на Колективниот договор кој репрезентативните синдикати го имаат потпишано, но, како што нагласуваат, не се грижат за неговото спроведување.
Причините за штрајкот, како што вчера рекоа од „Спајс“, се неисполнетите барања и игнорантскиот однос на раководството на јавното претпријатие околу барањата содржани во Колективниот договор. Исто така, тие бараат и усогласување на минималната плата со Колективниот договор на ниво на работодавач, односно зголемување за 2 170 денари за вработените во претпријатието. Дел од вработените рекоа дека ќе штрајкуваат и за, како што велат, кршење на правата од работен однос и безбедност и здравје при работа.
Од Јавното сообраќајно претпријатие, пак, преку соопштение потврдија дека штрајк ќе има, но рекоа дека функционирањето на јавниот градски превоз ќе биде редовен и без задршки.
Од ЈСП рекоа дека причината за штрајк на новоформираниот синдикат, четврти по ред, е нелегитимна бидејќи од 1 јуни е зголемена платата на сите вработени во јавното претпријатие.
Минатата година вработените во јавното претпријатие исто така не излегоа да возат бидејќи ЈСП „Скопје“ им доцнеше со исплатата на плати во законскиот рок, но откако проблемот беше решен, автобусите продолжија да сообраќаат по скопските улици.