Штрајкувачки хаос во Град Скопје

Генералниот секретар на Град Скопје, Зоран Глигоров на прес конференција најави дека поради тоа што Владата и општините не ги исполнуваат своите обврски кон ЈСП, а тоа редовно не им исплаќа плати на вработените, синдикатот на ССМ за сообраќај утре на пладне ќе одржи протест пред Влада. Но, потоа од синдикатот го демантираа Глигоров.

– Синдикатите не поддржуваат протест пред Влада. Може генералниот секретар со вработените од службите во Град Скопје сака да протестира. Никој од нас тоа не го побарал. Нема да бидеме нечиј декор. Тоа нема да се случи. Градот и Владата меѓусебно нека се раскрчмат, а ние не сакаме да бидеме заморче на ниту една страна – дециден е синдикалецот Миќо Стојановски.

Тој најави дека тие ќе протестираат во 11 часот во кругот на ЈСП и пред јавноста јасно ќе ги кажат своите барања, а јавниот градски превоз ќе се одвива нормално.

-Тоа ќе го направиме за да нема парцијално решение и во иднина да не ни случува ова, дециден е Стојановски.

Глигоров посочи дека Министерството за образование му должи на  ЈСП 120 милиони денари или околу 2 милиони евра за бесплатниот превоз на ученици и студенти, а некои скопски општини му должат на претпријатието околу 40 милиони денари. Тој побара должниците да се раздолжат со ЈСП.

Советничка група на ВМРО-ДПМНЕ  вчера побара вонредна седница на Советот на Град Скопје за префрлање средства на ЈСП и приватните превозници.