Водачот на мнозинството на демократите на претседателот Џо Бајден во американскиот Сенат, Чак Шумер, повика во четвртокот на нови избори во Израел, остро критикувајќи го израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху како пречка за постигнување мир во војната во Појасот Газа.
Демократот Шумер, долгогодишен поддржувач на Израел и највисоко рангираниот еврејски функционер во американската политика, изјави пред Сенатот дека владата на Нетанјаху „повеќе не ги задоволува потребите на Израел“, пет месеци по почетокот на војната што започната со нападот без преседан на исламситичкото палестинско движње Хамас на ланскиот 7-ми октомври во јужен Израел.
„Како демократска држава, Израел има право да избира свои лидери и ние треба да ги оставиме тие сами да одлучуваат. Но, важно е Израелците да имаат избор. Треба да започнеме нова дебата за иднината на Израел по 7-ми октомври. Според мене, тоа најдобро може да се постигне со одржување избори“, рече Шумер.
Шумер нагласи дека би било „тешка грешка“ Израел да го отфрли решението со две држави и ги повика преговарачите во конфликтот меѓу Израел и Газа да направат се што можат за да обезбедат прекин на огнот, да ги ослободат заложниците и да испратат помош во Газа.
Шумер и другите водечки демократи, вклучително и претседателот Џо Бајден, се соочуваат со интензивни критики во партијата за безусловната поддршка на Вашингтон за Израел, со оглед на последиците од израелската инвазија во ПојасотГаза врз палестинските цивили.
Шумер ги критикуваше Палестинците кои го поддржуваат Хамас и рече дека и треба да се повлече претседателот на Палестинската самоуправа, Махмуд Абас, кој инаку е претрвник на движењето Фатах, кое е жестоко спротиставено на Хамас, а владее со другата палестнска енклава окупираниот Западен брег (на реката Јордан).
„За да има надеж за мир во иднина, Абас мора да се повлече и да биде заменет со нова генерација палестински лидери кои ќе работат на постигнување мир со еврејската држава“, порача Шумер.
Неговиот говор го одразува растечкото незадоволство во Вашингтон од Нетанјаху, кој и онака има тензични односи со демократите уште од мандатот на претседателот Барак Обама чиј потрпетседател беше Џо Бајден, за начинот на кој тој ја води војната, неговиот неуспех да стори повеќе за заштита на палестинските цивили и блокирањето на испораката на помош во Газа.
„(Нетанјаху) Беше премногу подготвен да толерира цивилни жртви во Газа, поради што поддршката за Израел ширум светот паѓа на историски најниско ниво. Израел не може да преживее ако стане параја“, тврдеше Шумер.