Шумскиот пожар кај Степанци се гасне од земја и од небо

Во шумски пожар кај село Степанци, во кој гори мешана шума од саботата, од утрово освен од земја во негово гаснење е вклучен и „ер-трактор“ на Центарот за управување со кризи. Во негово гаснење, освен вработени од Шумското стопанство „Бабуна“ кои на терен се од саботата, вклучени се и припадници на Армијата, од МВР, СВР Велес, вработени во Општина Чашка и месното население.

Од Регионачниот Центар за управување со кризи информираат дека засега нема опасност по куќите во село Степанци. Во гаснење на пожарот вчера на помош биле повикани и пожарникари од ТППЕ Велес кои на терен отишле со едно возило и четворица пожарникари.

Според ЦУК, овој голем шумски пожар во кој гори квалитетна шума се протега на територијата кај село Степанци, на местото викано Кадиица на границата меѓу Општина Чашка и Општина Долнени.

Пожарот кај село Оморани, во Општина Чашка, кој исто така повторно избувна во саботата, според ЦУК, на планината Мукос во месноста викана Котева Круша, атар на село Оморани, е изгаснат од дождот.