Швајцарец возел низ Србија со над 250 километри на час

Српската сообраќајна полиција изминатаите три дена запрела тројца возачи поради налудничави возења со огромни брзини а еден од нив, швајцарски државјанин, возел со повеќе до 250 километри на час, соопшти во саботата српското министерство за внатрешни работи.

На швајцарскиот државјанин му биле измерени 250,7 километри на час, а бил запрен на автопатот Белград – Ниш, кај местото Осипаоница, во општината Смедерево. Судијата за прекршоци му изрекол казна од 30 дена затвор и парична глоба во износ од 120.000 динари, а му следи и осумесечна забрана за управување со моторни возила на територијата на Србија.

Српското министерство за внатрешни работи во соопштението наведува уште два драстични случаи на возачки дивеења на патиштата. Така, државјанин на Белгија во тунелот на автопатот кај Пирот, каде што ограничувањето на брзината е на 80 километри, возел речиси 107 километри побрзо, односно со 186,8 километри на час. На истото место е регистриран и третиот случај, кога турски државјанин по излегувањето од тунелот забрзал на 183 километри на час.

Прекршочен судија Белгиецот и Турчинот ги казнил со по 140.000 динари, односно по 1.200 евра, и деветмесечна забрана за управување со сите видови возила низ Србија.

Од почетокот на 2019 година на патиштата во Србија се случиле 22.000 сообраќајни несреќи во коишто загинале 310 луѓе, а покрај пречекорувањето на дозволената брзина, најчеста причина за тоа е алкохолот, според податоците на Управата на сообраќајната полиција на српското министерство за внатрешни работи.