Швајцарија погрешно ги пресмета трошоците за пензии

Швајцарската влада соопшти дека погрешно ги пресметала трошоците за пензии, што значи дека за пензии ќе се трошат помалку пари од претходно планираното. Беше утврдено дека дефицитот во исплатата на пензиите до 2033 година ќе изнесува 4 милијарди франци (4,26 милијарди евра), додека претходно се проценуваше дека овој дефицит ќе изнесува седум милијарди франци (7,46 милијарди евра). Помалиот дефицит од првично проценетиот е добра вест, но пензиите остануваат проблематично прашање во Швајцарија бидејќи многу жители на земјата сметаат дека биле „заведени“ од владата.

Речиси 60 отсто од Швајцарците на референдумот во март гласаа 13-тата пензија да се исплати од 2026 година. Од друга страна, 75 отсто изнесува процентот на оние кои на истиот референдум гласале против зголемувањето на старосната граница за пензионирање од 65 на 66 години.

Овој референдум беше историски момент за Швајцарија бидејќи ниту еден социјален трошок во оваа земја не е зголемен со референдумска одлука од 1848 година. Многумина се залагаа за 13-та пензија поради зголемените трошоци за живот, иако министрите советуваа да се гласа против 13-та пензија.

Министерката за финансии Карин Келер-Сатер пред референдумот уверуваше дека исплатата на 13-та пензија нема да биде можна без дополнителни средства.

„Доколку оваа иницијатива биде прифатена, тешко дека ќе можеме да избегнеме зголемување на даноците“, изјави Келер-Сатер за весникот Neue Zurcher Zeitung минатиот декември.

Како што јави Euronews, сега е нејасно какви политички последици ќе има погрешната проценка на дефицитот на пензиите. Професорот по политички науки на Универзитетот во Лозана Георг Луц посочи дека многумина се за независна истрага за тоа како можела да се случи толку голема грешка.

Тој истакна дека првично проценетиот дефицит е во прилог на барањето за реформа на пензискиот систем, т.е. зголемување на старосната граница за пензионирање. Дополнително, сега се доведува во прашање потребата од предложеното зголемување на стапката на ДДВ и намалувањето на висината на пензиите.

Изабел З. Мартинез од Универзитетот ЕТХ во Цирих потсети дека ваквите грешки се невообичаени во проценката на дефицитот, пишува Euronews.