Швајцарија првпат надмина девет милиони жители

Населението на Швајцарија првпат надмина девет милиони, покажа владината статистика објавена во четвртокот.

Сојузниот завод за статистика објави дека на крајот од јуни во Швајцарија живееле 9.002.763 луѓе. Околу 27 отсто од нив имаат странски пасош, а првата и втората по големина група се Италијанците и Германците.

Десничарската Швајцарска народна партија (SVP), која сака да ја намали имиграцијата и да ги заостри правилата за добивање азил, организираше иницијатива за гласање наречена „Против 10 милиони Швајцарци“.

Иницијативата бара населението на постојани жители да не смее да надмине 10 милиони пред 2050 година, а беа потребни 12 години за населението да порасне од осум на девет милиони.

Кога населението ќе достигне 9,5 милиони, SVP сака имиграцијата и натурализацијата на странците да бидат драстично ограничени.

Како што е вообичаено во Швајцарија, планот на SVP ќе се решава со плебисцит, а датумот на референдумот сѐ уште не е одреден.