Вакцинацијата против ковид-19 започна во повеќе швајцарски региони, четири дена пред закажаниот почеток на имунизацијата во Европската унија.
Првата личност во Швајцарија која примила вакцина против ковид-19, болест предизвикана од коронавирус, е 90-годишна жена во дом за стари лица во близина на Луцерн, пренесува „Ројтерс“.
Според швајцарската стратегија за имунизација, прво ќе се вакцинираат старите лица и пациентите со хронични заболувања, а потоа следуваат здравствените работници и оние кои живеат во домаќинство со ранливи лица.
Швајцарија, која не е членка на ЕУ, во саботата ја одобри вакцината изработена од германската компанија „БиоНТех“ и нејзиниот американски партнер „Фајзер“.
Во текот на вчерашниот ден во Швајцарија пристигнаа првите 110.000 дози, а не се знае кога ќе пристигнат останатите.