Со цел поддршка на општините од Полошкиот регион во справувањето и заштитата од поплави, преку Програмата за подобрување на отпорноста кон поплави во Полошкиот регион, финансирана од Швајцарската влада, е донирана механизација вредна 30 милиони денари. Обезбедени се девет повеќенаменски багери за чистење на реки и речни корита, чистење снег во зимскиот период, за сите девет општини кои припаѓаат на Полошкиот регион. Имајќи ги предвид природните карактеристики на овој регион и нивото на ризиците, ова се дел од мерките за поддршка на овие општини во унапредувањето на системот за подготвеност, рано предупредување и заштита од поплави и други катастрофи во примерот на најдобрите меѓународни практики.
„Не можеме да ги спречиме катастрофите, но можеме да се подготвиме што подобро за да ги минимизираме штетите. Оваа механизација ќе ни помогне да обезбедиме подобри и поефикасни услуги за нашите граѓани“, изјави Теута Арифи, градоначалничка на Тетово.
„Ние како општина го препознаваме потенцијалот на модерниот пристап во справувањето со поплавите и другите катастрофи. Оваа механизација е продолжување на нашите напори за зајакнување на капацитетите во заштитата од поплави и други катастрофи“, изјави градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари.
Целта на Програмата за подобрување на отпорноста на Полошкиот регион кон поплавите, вредна околу 10 милиони долари, финансирана од Швајцарската влада, а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации, е воведување на систем за интегрирано управување со поплавите и други ризици (свлечишта, одрони, порои) согласно современите светски искуства. За постигнување на оваа цел, за прв пат во земјата е формирана мрежа од девет општини кои заеднички работат на мерки и активности за намалување на штетите од поплавите, како и на преземање превентивни метки за намалување на ризиците од поплави.