Швајцарскиот банкарски гигант UBS го доврши преземањето на пропаднатата „Credit Suisse“

Швајцарскиот банкарски гигант UBS објави дека во понеделникот го заокружил преземањето на пропаднатиот конкурент банката „Credit Suisse“ што предизвика жестоки дискусии во јавноста и беше предмет на истрага на парламентарната комисија поради ангажирањето на владата и централната банка на Швајцарија.

Во март годинава швајцарската влада во кус рок направи план според кој UBS ќе ја купи „Credit Suisse“ за три милијарди швајцарски франци, односно 3,1 милијарди евра, и ќе ги преземе очекуваните загуби во износ до пет милијарди франци поради гаснењето на одделот за работење со коминтентите.

Преземањето на една од најреномираните швајцарски банки која се најде во исклучително тешка ситуација од страна на UBS, владата го поддржа со 200 милијарди швајцарски франци, а се согласи да преземе и до девет милијарди потенцијални загуби коишто UBS би можела да ги претрпи поради преземањето.

Со тоа настојуваа да го спречат тоталниот колапс на еден од најголемите швајцарски заемодавачи „Credit Suisse“ по повеќегодишните таложења на загубите и проблематичните вложувања. Капката којашто ја прели чашата беше пораката на саудискиот инвеститор дека повеќе нема да пумпа пари во потклекната банка.
Тоа беше првиот случај на спасување на голема глобална банка од финансиксата криза од 2007/2008 година.

„UBS денеска ја доврши аквизицијата на Credit Suisse, преминувајќи ја важната пресвртница“, известија од UBS во понеделникот во отвореното писмо објавено во неколку светски дневни весници.

Завршувањето на трансакцијата беше најавено минатата седмица, а во петокот UBS потпиша со швајцарската влада спогодба за гаранција за загубите од преземањето.

Понеделникот, веројатно, ќе биде и последниот ден во кој ќе се тргува со акциите на „Credit Suisse“ на швајцарската берза SIX.

Швајцарскиот парламент во меѓувреме одлучи дека ќе го истражува пропаѓањето на „Credit Suisse“ и договорот за неговото спасувње во државна „режија“ што наиде на бран критики, во прв ред, од домашната јавност.
Парламентарната истражна комисија не може да ја запре трансакцијата, но може да ги истражува менаџерите на двете банки, како и владините функционери. Покрај тоа, ќе има пристап и до записниците од состаноците одржувани во владата.