Швајцарскиот банкарски гигант UBS крати 500 работни места

Швајцарскиот банкарски гигант UBS донесе одлука да скрати 500 работни места во новата организација на работењето на одделот за приватно банкарство и менаџирање на финансии.

Одлуката преку интерен допис до вработените ја пренел извршниот директор Игбал Кан. Исто така донесена е одлука одделот за Европа, Среден Исток и Африка да се подели на три секции, со што секоја од нив ќе добие нов директор.

Кристин Новаковиќ која досега ја предводеше здружената оператива ќе продолжи како директор на одделот за земјите членки на ЕУ и западна Европа. Вториот оддел предводен од Каролин Кухерт ќе биде за земји од Источна Европа каде UBS има операции, а третиот оддел за побрзо носење на одлуки и помали административни кочења ќе биде задолжен за Среден Исток и Африка предводен од Али Џануди.

Кан во својот допис потенцира дека банката мора да се движи со брзина на пазарот и дека со укинување на три нивоа на менаџмент ќе се поминува повеќе време со самите клиенти.