Шварценегер задржан на царината во Минхен поради скап часовник

Американскиот актер и политичар со австриско потекло Арнолд Шварценегер е приведен во средата на аеродромот во Минхен, бидејќи не пријавил скап часовник на царина, соопшти царинската управа.

„Шварценегер сепак може да го напушти Минхен во средата, но часовникот мора да остане тука“, изјави Томас Мајстер, портпарол на царината на аеродромот во Минхен.

Според истите информации, против актерот и поранешниот гувернер на Калифорнија е покрената кривична постапка за затајување данок.

„Шварценегер беше должен да го пријави и оцарини часовникот, бидејќи часовникот треба да остане во Европската унија“, рече Мајстер.

Како што пишува весникот Bild, Шварценегер имал намера да го продаде скапиот часовник во четврток во Кицбил, скијачки центар во Австрија, на аукција во полза на климатската иницијатива спонзорирана од самиот актер.

Како што понатаму наведува Bild, станува збор за часовник „Audemars Piguet“ чија вредност самиот Шварценегер ја проценил на 20.000 евра. Според весникот, Шварценегер се пожалил на „малтретирање“ од страна на царинските службеници.