Водечкиот синџир на шведски аптеки „Hjärtat“, ја забрани продажбата на креми против стареење на лица под 15-годишна возраст поради зголемените стравови на европските земји за нивното потенцијално штетно влијание врз детската кожа, доколку децата почнат да ги користат овие производи прерано.
Синџирот аптеки „Hjärtat“, кој има околу 390 во Шведска, ќе престане да продава „напредни производи за нега на кожата“ кои содржат состојки како што се AHA киселини, BHA киселини, витамини А, Ц и ензимски пилинг на клиенти помлади од 15 години, освен ако имаат согласност од родителите или проблематична кожа.
Причината за ваквата одлука се бројните извештаи за експлозија на популарноста на производите за нега на кожата кај шведските деца под 13 години, поттикнати од социјалните мрежи. Еден козметички бренд изјави за јавната телевизискастаница SVT дека 20 до 40 отсто од нејзините клиенти сега се под 13 години.
Повеќекратните извештаи покажуваат дека сè повеќе деца низ Европа, вклучително и постари од 10 години во Велика Британија, се свртуваат кон скапи производи за нега на кожата против стареење во потрага по кожа со „помлад изглед“, многу од нив под влијание на содржините што се видени на мрежи како TikTok, пишува британски The Guardian.
Експертите стравуваат дека новиот тренд би можел да има исклучително штетен ефект врз таквата млада кожа и се загрижени за психолошкото влијание врз денешните млади луѓе опседнати со стареењето.
Аника Сведберг, главен фармацевт на аптеката „Hjärtat“, вели дека „употребата на напредни козметички производи за нега на кожата, чија цел е да се намалат брчките и да се постигне порамномерен тон на кожата, не е неопходна за децата“.
„Во случаи кога детето страда од кожна болест, како што е атопична егзема, одредени производи може да придонесат за влошување или реактивирање на симптомите“, вели Сведберг.
Директорката на компанијата, Моника Магнусон, изјави дека нејзината компанија сака да стане лидер на овој тренд и да преземе поголема одговорност за да не се вклучат во промовирањето на нездраво однесување и идеали кои земале замаф кај многу млади луѓе.