Шведската служба за миграции одлучи да го протера Ирачанецот кој палеше примероци на светата муслиманска книга Куранот, изминатите неколку месеци на протестни настани во Стокхолм, објави во четвртокот телевизијата TV4.
Во Шведска од август е подигнато нивото на опасност од тероризам на второто највисоко, и предупреди на зголемениот број закани за Швеѓаните во земјата и во странство, откако серијата сквернавење и палења на Куранот, за кои шведските судови и полицијата дадоа одобрување, што ги разгневи муслиманите и прдизвика џихадистички закани.
Туниски мигрант минатата седмица уби двајца шведски навивачи во Брисел во нападот за кој шведската влада оцени дека Европа мора да ја зајакне безбедноста за да се заштити. Напаѓачот, кој беше смртно застрелан во престрелка со белгиската полиција, се изјасни како припадник на џихадистичката групација Исламска држава и ја презема одговорноста за нападот во видео објавено на интернет. Истрагата е склона нападот врз Швеѓаните да го поврзува токму со инцидентите во кој се сквернавеше Куранот.
Неколку такви демонстрации ги предводеше Салван Момика, ирачки бегалец кој тврди дека сака да протестира против целата институција на исламот и да се забрани неговата света книга.
„Службата за миграции реши да ја протера оваа личност од Шведска“, ја пренесува TV4 писмената изјава на службата.
Меѓутоа, истовремено му е издадена привремена дозвола за престој до 16-ти април 2024 година, поради „компликации во врска со спроведување на решението“, додале од миграциската служба.
Освен оваа писмена изјава, шведската служба за мигграции не била достапна за одговор на бројните медиуми. Притоа се потсетува дека во јули објави дека врши ревизија на дозволата за престој на споменатиот Ирачанец.
„Не ја напуштам Шведска. Ќе живеам и ќе умрам во Шведска. Шведската служба за миграции направи сериозна грешка. Се сомневам дека зад оваа одлука стојат скриени политички мотиви. Ќе се жалам“, изјави Момика за шведската јавна телевизија SVT.
Исламофобичните активисти сквернавеа и палеа примероци од Куранот во Шведска и Данска, едно од најлибералните земји во светот кои дозволуваат жестоки критики на религиите во името на слободата на говорот и на изразувањето. Меѓутоа, муслиманите сквернавењето на Куранот, кој го нарекуваат Божјиот збор, го сметаат за најголема навреда.