Шведска го прекинува финансирањето на УНРВА

Шведска повеќе нема да ја финансира Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци (УНРВА), туку ќе обезбедува хуманитарна помош за Газа преку други канали, изјави шведскиот министер за помош Бенјамин Дуса.

Одлуката на Шведска да го прекине финансирањето на УНРВА дојде како одговор на забраната за работата на агенцијата во Израел, која стапува на сила на крајот на јануари.

Израел постојано ја обвинува УНРВА дека е вклучена во нападите на 7 октомври 2023 година, предводени од Хамас, кои ја предизвикаа тековната војна во Газа. „Одлуката на Шведска да го прекине финансирањето на УНРВА беше одговор на израелската забрана, бидејќи тоа ќе го отежне канализирањето на помошта за Палестинците преку агенцијата“, рече Дуса.

Тој додаде дека Шведска планира да ја зголеми вкупната хуманитарна помош за Газа следната година.

-Има неколку други организации во Газа, јас штотуку бев таму и запознав неколку од нив, рече министерот, именувајќи го ОН – Светската програма за храна како еден потенцијален примател.