Шведската премиерка Магдалена Андерсон во неделата одби да ги демантира изјавите на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган дека нејзината влада, во напорите да стане членка на НАТО, за возврат ветила на Турција да ѝ предаде 73 лица, што во Шведска предизвика збунетост и непријатности.
И покрај упорноста на новинарите, како и курдски и турски активисти кои живеат во егзил во Шведска, Андерсон не сакала да каже дали или не нејзината влада се обврзала на тоа, односно ѝ дала на Анкара ветување за екстрадирање на 73 лица за да ја отстрани турската блокада на приемот на Шведска и Финска во НАТО.
„Бев министерка осум години и никогаш не сум зборувала за тоа што е кажано на преговарачката маса. И ова сега ме става во тешка ситуација“, рече социјалдемократската премиерка на Шведска.
Во договорот потпишан во вторникот на самитот на НАТО во Мадрид, Шведска и Финска се обврзале „брзо и детално“ да ги проучат барањата на Турција за екстрадиција, но тврдат дека не е дадено никакво ветување, туку дека постапката ќе зависи од независните судови.
Андерсон пред три дена изјави дека прашањето за предавањата на лицата „ќе зависи од тоа кои информации ќе бидат добиени од Турција“.
„Во сите екстрадиции продолжуваме да го следиме шведското и меѓународното право и, секако, Европската конвенција за екстрадиција“, рече тогаш Андерсон.
Турскиот претседател Ердоган изјави во петокот дека потпишаниот Меморандум со Финска и Шведска претставува дипломатска победа на Турција.
Зборувајќи за борбата против тероризмот по самитот на НАТО, Ердоган рече дека она што се случило во контекстот на барањата на Шведска и Финска за членство во Алијансата, ги покажало „црвените линии“ на Турција во однос на тероризмот.
„Како земја којашто 40 години се бори против сепаратистичкиот тероризам и на којашто тероризмот ѝ однесе со илјадници деца, немаме трпение за продавање магла. Меморандумот со Финска и Шведска е дипломатска победа на Турција“, порача Ердоган.
Истакна дека Анкара внимателно ќе го следи имплементирањето на точките од Меморандумот и ќе преземе чекори во согласност со тоа.
„Ветувањето на Шведска е предавање на 73 терористи на Турција. Во прв ред PKK, YPG, PYD, FETO, тие мора да исчезнат. Мора да ги довршат законските регулативи во врска со тоа што е поскоро можно“, додаде Ердоган.
Порача и дека доколку Шведска не го одржи даденото ветување, Турција во тој случај во својот парламент нема да го ратификува договорот за прием на земјата во НАТО.
Премиерката Андерсон денеска под притисокот на новинарите јасно да каже дали на Турција ѝ е дадено такво ветување, само го повтори од претходно познатиот став дека Шведска ќе го следи националното и меѓународното права, како и дека одлуката за тоа ќе мора да ја донесат независните судови во земјата.