
Шведските власти во четвртокот најавија дека до летото имаат намера да воведат дигитален „ковид пасош“, со кој ќе се докажува дали некој патник е вакциниран против коронавирусот.
„Започна спроведувањето на меѓународните процеси поврзани со техничките решенија и стандарди за докази за вакцинирањето. Шведска треба да учествува во тоа“, изјави министерката за здравство, Лена Халенгрен на прес-конференција.
Со воведувањето на дигиталната потврда, Швеѓаните ќе имаат документ за вакцинирање на коронавирусот, изјави Андерс Игман, министер за дигитален развој.
Потврдата за вакцинирањето треба да биде во согласност со меѓународните прописи и стандарди, како и да го гарантира правото на приватност.
Владата во Стокхолм се надева дека „ковид пасошот“ ќе биде воведен на 1-ви јуни, и предвидува дека и други земји за влез на нивните територии или за присуство на конференции, музички фестивали и спортски настани ќе бараат доказ за вакцинирање.
Согласно со тоа, властите и агенциите, вклучително и Агенцијата за јавно здравство, Шведската агенција за е-здравство која ги водии и координира владините иницијативи за електронското здравство, како и Шведското здружение на локалните власти и региони, ќе учествуваат во развојот на дигиталниот ковид пасош.
Агенцијата за јавно здравство учествова во работата на Светската здравствена организација (СЗО – WHO) на изработката на дигитален документ за вакцинирање против Covid-19, а Агенцијата за е-здрвтво соработува со Европската комисија.
Соседната Данска во средата најави дека има слични планови во врска со примената на дигиталниот ковид пасош за вакцинирањето.