Иследниците пронајдоа траги од експлозиви на оштетените делови од руските гасоводи Северен тек 1 и 2, што потврдува дека станува збор за тешка саботажа, објави во петокот шведското обвинителство.
Данска во октомври објави дека прелиминарната истрага покажала дека истекувањето од крајот на септември од гасоводите биле предизвикани од силни експлозии. Германија, исто така, спроведе своја истрага, за четирите отвори на гасоводите на Северен тек 1 и 2 кои ги поврзуваат Русија и Германија по дното на Балтичкото Море, и кои стана жртви и ново жариште на украинската криза.
Во објавата на шведското обвинителство од петокот се нагласува дека во текот на увидот на местото на инцидентот во Балтичкото Море, бил собран голем број докази и сѐ што е најдено во областа било внимателно документирано.
„Досегашните експертизи покажуваат траги од експлозив на неколку од пронајдените туѓи предмети. Се одвива прелиминарна аналитичка работа за да се добијат попотврдени заклучоци за инцидентот“, рече шефот на прелиминарната истрага обвинителот Матс Јунгквист.
Прелиминарната истрага е многу сложена и сеопфатна, додаваат од шведското обвинителство. Осмислена е да докаже „дали е можно некој да биде осомничен за сторениот криминален чин“.
„За продолжување на работата во прелиминарната истрага (…) важно е да можеме да работиме тивко и спокојно“, истакна Јунгвист и додаде дека во моментов не може да даде повеќе информации за медиумите.
Русија објави дека ќе ја сочека целосната процена за штетата на четирите цевководи на двата гасовода Северен тек во територијалните води на Шведска и Данска, па потоа ќе решава за можно барање за отштета, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Недостасуваат најмалку 50 метри од гасоводот Северен тек ѝ, извести на 18-ти октомври шведскиот дневен весник Expressen, откако првпат ги објави снимките од оштетувањата направени со подводен дрон.
Руското министерство за одбрана во октомври објави дека објави дека припадници на специјалните сили на британската воена морнарица, кои имаа штаб во Очакив, во украинската област Миколаев, учествувале во „планирањето, осигурувањето и спроведувањето на терористичките напади“ врз гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2, што Лондон го отфрли.
Меѓутоа, британската страна сѐ уште не одговори на минатомесечните објави од Москва откако се појавија пораки во врска со тоа од поранешната британска премиерка Лиз Трас до американскиот државен секретар Ентони Блинкен веднаш по експлозиите и додека јавноста не знаеше воопшто за инцидентот па ниту за причината која довела до него.
Западните онлајн медиуми, вклучително и популарната американска онлјан платформа Reddit и порталот 19FortyFive, отворија дискусии за тврдењата на основачот на услугите за споделување датотеки Megaupload и Mega, Ким Дотком (Ким Шмиц), дека поранешната британска премиерка Лиз Трас наводно веројатно испратила порака до американскиот државен секретар Ентони Блинкен со текстот „‘it’s done’ (готово е/ сторено е)“ веднаш по инцидентот.
„Како Русите дознаа дека Британија ги разнесе гасоводите Северен тек задно со САД? Затоа што Лиз Трас го користеше својот iPhone за да му испрати порака на Блинкен во која се наведува ‘Сѐ е сторено’ една минута по експлозијата на гасоводот и пред некој друг воопшто да знае за тоа“, објави Дотком (Шмиц) на својот профил на Twitter.
Претприемачот притоа тврди дека информацијата дошла не од тој телефон на Трас, кој според медиумите бил хакиран. Дотком не појаснува од каде ја поседува информацијата и на што се заснова неговото тврдења.
Сомнежите за саботажа на гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2 во шведските и данските води на Балтичкото Море се засилија во во втората седмица на октомври откако шведската безбедносна полициска агенција SAPO го заврши увидот на местото на инцидентот и во соопштение за медиумите извести дека експлозии предизвикале значителна штета на цевководите. Шведската безбедносна агенција ја води прелиминарната истрага за инцидентот со истекувањето на гас од двата руски гасовода по дното на Балтикот со кој енергенсот се транспортира од Русија до Германија и Европа. По извршениот увид од Управата за национална безбедност, обвинителот ја отстрани претходно воспоставената забранета зона.
Од првите часови по полноќ кон 26-ти септември беа објавени четири истекувања, две во данските и две во шведските територијални води, откриени на гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2, со кои гасот од Русија се испорачуваше во Германија, односно на пазарот во Европа. Сеизмолошките заводи на Шведска и Данска измериле потреси со магнитуди од 2,3 и 2,1 степени по Рихтер, оценувајќи дека „веројатно одговара на експлозивен набој од неколку стотина километри тротил“.
Агенцијата Reuters објави дека разузнавачки авион на американската морнарица прелетал над Балтичкото Море во близина на местото на инцидентот со руските гасоводи Северен тек 1 и 2, само неколку часа по истекувањето на гасот. Разузнавачки авион на американската морнарица, кој Вашингтон го опиша како рутински лет, прелетал во близина на местото на оштетувањето на Северен тек 2 во Балтичкото Море неколку часа по појавата на првото истекување на гасот.
На крајот од минатиот месец беше објавено дека од 1-ви до 3-ти септември, хеликоптер на американската воена морнарица кружел околу данскиот остров Борнхолм, каде што подоцна е воочено истекувањето од цевководите. Покрај тоа, американски летала прелетале над гасоводите на 10-ти и 19-ти септември, и ноќта од 22-ри на 23-ти септември и ноќта од 25-ти кон 26-ти септември. Во сите случаи траекториите на американските воени летала упатуваат дека станува збор за извидувачки летови или прелети над конкретниот дел од акваториумот. Во медиумите беше наведено дека патеките на хеликоптерите кои извеле ноќен прелет на 23-ти и на 26-ти септември имале „збунувачки патеки“.