Шведска се опоравува од најсмртоносното масовно пукање во историјата на земјата во средата, откако 10 лица и осомничениот за нападот врз нив беа убиени во центар за образование за возрасни лице во градот Еребру, а многу прашања остануваат и натаму неодговорени.
Неколку медиуми објавија дека осомничениот си го одзел животот со огнено оружје, но полицијата не ги потврди овие извештаи.
„Единаесет лица се мртви, вклучувајќи го и убиецот“, изјави полицијата за AFP за масакрот што се случи во вторникот во училиштето Рисбергска за образование на возрасни кои не го завршиле своето формално образование или немале добри оценки за да продолжат со високото образование. Училиштето се наоѓа на кампус во кој се сместени и училишта за деца.
Полицијата не го коментираше бројот на ранетите или колку се сериозни нивните повреди, но властите на јужната провинција Еребру во вторникот објавија дека шест лица се пренесени во болница со прострелни рани.
„Ова е најлошото масовно пукање во шведската историја“, рече премиерот Улф Кристерсон на прес-конференција доцна вечерта во вторникот.
Посочи дека „многу прашања остануваат неодговорени“.
„Но, ќе дојде време кога ќе знаеме што се случило, како можело да се случи и кои се мотивите коишто стојат зад тоа“, рече Кристерсон, повикувајќи ги граѓаните да не „шпекулираат“.
„Мотивот за пукањето сè уште не е познат, но сè укажува дека сторителот дејствувал сам, без идеолошки мотив“, се вели во соопштението на полицијата во Еребру.
Полицијата не даде никакви информации за идентитетот или возраста на убиените, ниту дали се работи за ученици или наставници во училиштето.
Престрелките во училиштата се релативно ретки во Шведска, но земјата се соочува со пукотници или бомбашки напади поврзани со банди кои убиваат десетици луѓе секоја година.
„Сторителот не ѝ е познат на полицијата, тој не е поврзан со банда. Веруваме дека нема да има дополнителни напади“, изјави Роберто Еид Форест, началникот на полицијата во Еребру, за новинарите во вторникот вечерта.
„Крвта беше насекаде“
Шведскиот телевизиски канал TV4, пак, објави дека полицијата во вторникот попладнето извршила претрес во домот на осомничениот во Еребру.
Каналот објави дека осомничениот имал околу 35 години, имал дозвола за носење пиштол и немал криминално досие, но не наведува детали за неговиот идентитет. Мажот живеел повлечено, бил невработен и се оддалечил од семејството и пријателите, објави весникот Aftonbladet, цитирајќи членови на семејството.
Пукањето се случило околу пладнето во вторникот.
„Стоев таму, гледав што се случува и бев таму кога ги видов телата како лежат на земја. Не знам дали се мртви или повредени“, изјави 16-годишниот Лин, кој посетува училиште во близина на инцидентот, за дописникот на AFP од местото на настанот.
„Имаше крв насекаде, луѓето беа во паника и плачеа, родителите беа загрижени… беше хаос“, додава таа со растреперен глас.
Две учителки во училиштето, Миријам Јарлевал и Патрик Содерман, за весникот Dagens Nyheter изјавиле дека слушнале истрели во ходникот.
„Дојдоа ученици и рекоа дека некој пука. Потоа слушнавме уште пукотници во ходникот. Не излеговме, се сокривме во нашите канцеларии. Прво имаше многу пукотници, потоа беше тивко половина час, а потоа повторно почна. Лежевме под нашите бироа“, велат тие.
„Мрачен момент“
Шведскиот крал Карл XVI. Густав во изјавата рече дека веста за пукањето ја примил со „тага и ужас“.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го опиша настанот како „навистина застрашувачки“. „Нема место во нашите општества за такво насилство и терор, а најмалку во училиштата. Во овој мрачен момент стоиме со народот на Шведска“, напиша таа во објавата на социјалната мрежа Х.
Иако ваквите престрелки се ретки, неколку други насилни инциденти ги погодија шведските училишта во последниве години.
18-годишен ученик избоде до смрт двајца наставници во училиште во јужниот град Малме во март 2022 година. Два месеци претходно, 16-годишник беше уапсен откако избоде друг ученик и наставник во училиште во малиот град Кристијанштад. Напаѓач со мачета уби две лица во октомври 2015 година во расистички напад во западниот град Тролхетен, а подоцна беше убиен од полицијата.