Шведската група АББА по 40 години ќе прави виртуелен спектакл

Сите 4 членови на култниот шведски бенд „ABBA“ во четвртокот се обединија во Лондон за првпат од 1982 година, на премиерната вечер на нивниот виртуелен спектакл „Voyage“. Шведските поп ѕвезди Бјорн Улвеус, Бени Андерсон, Агнета Фалтског и Ани-Фрид Лингстад за последен пат се појавија заедно во 1982 година во забавната емисија на Ноел Едмондс, „The Late Late Breakfast“.

Спектаклот кој почнува од денеска, треба да се одржува секој ден во неделата, при што виртуелниот концерт ќе го одбележи настапот на „Абатарите“ односно холограми на членовите на групата кои ќе ги изведуваат песните во живо со 10-член бенд.

Во изјавите на црвениот тепих пред наменски изградената „ABBA“ Арена во источен Лондон, Фалтског изјавила дека е чудесно да се видат сите тие англиски фанови, а Лингстад додала дека најмногу се радува на изведбата на хитот „Mamma Mia“.

Освен што Велика Британија им е блиска и во неа имаат бројни фанови, Улвеус вели дека ја одбрале токму оваа земја за проектот бидејќи поседува инфраструктура за толку големи проекти.

„ABBA“ оствари планетарен успех по победата на Евровизија во 1974 година со песната „Waterloo“, а оттогаш има продадено повеќе од 400 милиони албуми. Популарниот квартет се распадна во 1982 година, а минатата 2021 година издадоа нов албум – „Voyage“.