Шведскиот пензиски фонд ги продаде акциите во колабираната американска банка

Најголемиот шведски пензиски фонд Alecta објави дека ги продал акциите на колабираната американска банка „First Republic“ со загуба од 7,5 милијарди шведски круни, односно 675 милиони евра.

„Иднината на банката носи преголемо ниво на неизвесност, имајќи го предвид фактот дека агенциите го намалија нејзиниот рејтинг во неинвестициска категорија“, изјави извршниот директор на споменатиот шведски пензиски фонд Магнус Билинг.

Кредитната агенцијата Standard & Poor’s го снизи рејтингот на банката „First Republic“ двапати за четири дена, а и агенцијата Moody’s од минатиот петокот купувањето на должничките хартии од вредност на банката го вброи во категоријата „шпекулации“.

Директорот на шведскиот фонд истакна во вторникот и дека досегашната финансиска поддршка на „First Republic“ не ги стивнала турбуленциите, проценувајќи ја загубата при продажбата на акциите на 7,5 милијарди шведски круни.

Според извештајот за минатата 2022 година, Alecta во портфелот држела акции на „First Republic“ во вредност од околу 9 милијарди круни.

Банката „First Republic“, чиешто седиште е во Сан Франциско, загубила од почетокот на годинава околу 90 отсто од пазарната вредност, а нејзината иднина и натаму е неизвесна и покрај поддршката од големите американски банки којашто ја координираат Министерството за финансии и централната банка Federal Reserve (Fed).

Минатиот петок сумата од 30 милијарди долари за неосигурениот депозит во банката „First Republic“ ја обезбедија вкупно 11 банки, меѓу другите и најголемите во САД како „Bank of America“, „Citigroup“, „JPMorgan Chase“, „Wells Fargo“, „Goldman Sachs“ и „Morgan Stanley“.

На 13-ти март акциите на „First Republic“ паднале за 70 отсто, а веќе утрото на  14-ти март се намалиле за дополнителни 40 проценти.

Банката основана во 1985 година нуди услуги за управување со пари на богатите клиенти и е голем играч на пазарот на хипотеките. Нејзините депозити на клиенти изнесувале вкупно 176 милијарди долари во јануари, од 90 милијарди долари пред само три години. Според американската банка централна банка Federal Reserve (Fed), минатата 2022 година „First Republic“ го заземала 14-то место меѓу американските банки според консолидираните средства.