Швеѓанецот Рубен Остлунд ја наметна во малиот број филмови својата наклонетост кон сатирата до таа мера што го увери жирито во Кан во саботата вечерта по вторпат да му ја додели Златната палма, за филмот „Триаголникот на тагата“ (Triangle of Sadness) на 75-то издание на еден од најреномираните филмски фестивали на светот.
Пет години откако беше награден за „Плоштад“, филмот за уметничките кругови, Остлунд ја одушеви Кроазета со оваа сочна сатира за супербогаташите и за луксузот. Во филмот изнесува остра критика на капитализмот и неговата неодмереност. Швеѓанецот, кого го воспитувала мајката комунистка а самиот се декларира како социјалист, не попуштил пред искушението „богатите да ги прикаже како зли“, туку сакал да го „сфати нивното однесување“, се вели во образложението.
Де остварувања ја добија наградата на стручното жири, „Close“ на белгискиот режисер Лука Донт и „Stars at Noon“ на француската режисерка Клер Дени.
Педесет ипетгодишната јужнокорејска ѕвезда Сонг Канг-хо ја доби наградата за најдобар актер во „Добри ѕвезди“ на Јапонецот Хироказу Коре-Еде. Омилениот актер на својот сонародник Бонг Јон-јо и ѕвезда на неговиот филм „Паразит“ кој ја освои Златната палма во 2019-та, во јапонскиот филм игра маж вмешан во криумчарење деца.
Иранската актерка Зар Амир Ебрахими која во 2008 година поради сексуален скандал мораше да пребега во Франција е најдобрата женска актерка во трилерот на Али Анаси „Ноќи во Машхад“. Во трилерот во кој е приказна за убиство на проститутка, толкува новинарка во потрага по вистината којашто се бори со мачизмот во патријархалното иранско општество.