Материјалната штета која ја направиле навивачите Шверцери во Македонскиот народен театар чини 4000 евра.
Ова е сумата од записникот, во кој се пресметани искршените столчиња, подните светлики, искинатиот тапацир, завесите и останатиот оштетен инвентар кој навивачите го оставија зад себе. Премиерот Заев вели дека настанот предизвика душевна болка, па затоа поединечна одговорност мора да се утврди.
Шверцери прославувале исто како и навивачите од цивилизираните држави, во театар. Лидерот на ДУИ Али Ахмети не гледа вина во симпатизерите на клубот Шкупи кои во Македонскиот народен театар скокаа по столчињата и оставија зад себе оштетен инвентар. Но, вели дека навивачите немале намера за вандализам.
,,Откако видов дека и во сите цивилизирани земји како Англија и Германија, такви слични манифестации на симпатизери на клубови, исто се одржуваат во национални театри. Но јас не сметам дека луѓето отишле таму за да направат штети, или вандализам“.
Опозициската ВМРО ДПМНЕ бара одговорност од организаторите кои склучиле договор за одржување на настанот, и прашуваат зошто полицијата не реагирала вечерта кога се случи настанот.
Навивачката група „Шверцери“ во петокот по Свечената Академија за одбележување на 111 години од Денот на албанската азбука одбележа 30 години од постоењето. Во нивна чест имаше проекција на документарен филм, но како што за НОВА изјави тогаш директорката на МНТ Симона Угриновска, однесувањето не минало без последици по инвентарот во објектот.