Претседателката Гордана Сиљановска Давкова прими во понеделникот претставници на американскиот Национален демократски институт (НДИ) и учесниците на претстојната Обука за младинско лидерство и Самит за политики во организација на овој институт.
На средбата претставниците на Националниот демократски институт ја информираа Претседателката за нивните тековните активности во насока на поддршка и зајакнување на демократските институции и процеси во земјава, а ја запознаа и со програмскиот концепт и предвидените активности во рамки на Обуката за младинско лидерство и Самитот за политики што се одржува од 15 до 17 јули во Скопје.
Претседателката Сиљановска Давкова изрази задоволство од долгогодишната успешна соработка на НДИ со македонските институции којашто се состоеше од голем број иницијативи и активности, при што на организаторите и учесниците им посака успешна реализација на Обуката за младинско лидерство и Самитот за политики.