Сиљановска Давкова ја прими гувернерката на Народната банка, Ангеловска-Бежоска

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ја прими во вторникот гувернерка на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, инфирмираат од претседателскиот кабинет.

На средбата со гувернерката Ангеловска-Бежоска, прва по нејзиното стапување на функцијата, претседателката Сиљановска Давкова беше информирана за тековната работа на Народната банка и остварувањето на предвидените цели, насочени кон постигнување и одржување на ценовната стабилност и кон одржување на стабилен, конкурентен и пазарно ориентиран финансиски систем. На средбата гувернерката Ангеловска-Бежоска ги претстави и стратегиските цели насочени кон унапредување на спроведување на монетарната политика, стабилноста на банкарскиот систем, непреченото функционирање на платните системи, управувањето со девизните резерви, а во функција на обезбедување на услови за ефикасни, иновативни и сигурни финансиски услуги. Претседателката Сиљановска Давкова ги поздрави напорите на Народната банка за зачување на макроекономската стабилност на државата, во услови на геополитички и геоекономски ризици, истакнаа од кабинетот на претседателката Сиљановска Давкова.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска упати честитки до претседателката Сиљановска Давкова по повод стапувањето на функцијата и ѝ посака успех во работата, додаваат од кабинетот на претседателката.