Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ја врачи Големата годишна награда за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2024 година на авторите Методи Хаџи-Андов, Сашо Андријевски, Игор Сугарчев и Димитар Стефановски, од проектантското биро „Параметар студио“, за проектот Мултинаменски комплекс во општина Петровец, Скопје.
Големата годишна награда традиционално ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија, под покровителство на претседателот на Републиката.
Во својата изјава, Сиљановска Давкова ја истакна важноста на Асоцијацијата на архитекти на Македонија како лидер во архитектурата и во одбраната на професионалните вредности. Таа посочи дека Асоцијацијата активно ја промовира македонската архитектура, вклучувајќи ја и современата архитектура, која добива признание на светската сцена.
– Денеска ќе се соочиме со тоа – македонската современа архитектура на светската сцена. Асоцијацијата на архитекти не само што ја одржува традицијата, туку и ја води македонската архитектура во светски рамки“, рече Сиљановска Давкова.
Претседателката продолжи со зборови за значењето на архитектурата, која за неа е повеќе од само градење на згради. Таа ја опишува архитектурата како креативен процес што ги задоволува основните човечки потреби, но и како уметност која ја одбележува историјата и традицијата.
– Архитектурата е стремеж да се достигне нешто високо, убаво и естетско. Но, најважно е што таа трага по одговори на основните човекови потреби и слободи – вели претседателката.
Таа се повика на филозофот Бруно Латур, кој ги поставил архитектите помеѓу двата супротставени поларитети: еден од нив е архитектот како осамен автор, а другиот како активен учесник во креирањето на политики за подобар свет. Претседателката смета дека архитектите имаат клучна улога во создавањето на подобар свет преку примена на своето знаење, експертиза и искуство.
– Архитектите не се само креативци во изработка на проекти. Тие го креираат духот на времето и имаат активно влијание во формирањето на политиките за подобар свет – додаде таа.
Еден од клучните моменти во нејзиниот говор беше поврзан со одржливото градење и неговата врска со природата. Сиљановска Давкова посочи дека Европската повелба за одржлив дизајн и градба треба да биде водилка за сите архитектонски проекти, и тоа не само во Македонија, туку и на глобално ниво.
– Човечките суштества се во центарот на грижата за одржлив развој. Архитектите треба да ги водат своите проекти со почитување на природата и животната средина – истакна претседателката.
Таа потсети на важноста на почитување на традицијата во архитектурата, како и на потребата од баланс помеѓу модерните трендови и зачувувањето на природното и архитектонското наследство. Претседателката ја истакна важноста на создавање на градби кои не само што ќе бидат функционални, туку и ќе ја задоволат потребата за хармонија со природата.
Дали во процесот на градба постои активен дијалог меѓу практичарите, истражувачите и крајните корисници? Се прашувам дали сме успешни во тоа – вели Сиљановска Давкова.
Претседателката на крајот нагласи дека македонската архитектура има долгогодишни темели и дека архитектите имаат важна улога во зачувувањето на таа традиција. Таа истакна дека наградата што ја добија архитектите за проектот Мултинаменски комплекс е потврда за успешната интеграција на традицијата и современите архитектонски трендови.
– Македонската архитектура има длабоки темели и огромна вредност. Таа е пример за тоа како традицијата и иновацијата можат да се спојат и да создадат нешто уникатно – рече претседателката.
Кон крајот на својот говор, Сиљановска Давкова изрази задоволство што имала можност да биде дел од доделувањето на наградата и им посака на архитектите успешна и плодоносна 2025 година.