Со специјален воен карго авион, унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петар Сијарто допатува во земјава директно со пакети помош од 100.000 заштитни маски и 5.000 заштитни скафандери. На аеродромот беше пречекан од вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи и министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.
По пречекот, во просториите на самиот аеродром, Османи и Сијарто имаа и работна средба, на која разговарале и за натамошните чекори во однос на европската агенда на земјава по добивањето на одлуката за почеток на преговорите со ЕУ, процесот на формирањето на преговарачката рамка, како и подготовката на земјата за самиот почеток на преговорите.
Османи, како што стои во соопштението до секретаријатот за европски прашања, се заблагодарил поддршката за нашите европски интеграции, вклучувајќи ја тука и навистина успешната мисија на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кому според Османи, најмногу може да му се препише заслугата за експресното усогласување на новата методологија, и секако, исправањето на грешката од ноември минатата година преку одлуката на ЕУ за почеток на преговорите со земјава.
И Чулев посочи дека во текот на денот ќе оствари билателарна средба со Сјарто во Министерството за внатрешни работи.