Сијарто: ЕУ загуби на силата, би ѝ помогнала економска соработка со Кина

Посилната економска соработка со Кина би ѝ помогнало на Европската унија коjaшто изминатите години поради своите одлуки загуби на силата, оцени во вторникот унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто.

Шефот на унгарската дипломатија на панелот на Бледскиот стратешки форум рече дека ЕУ е во „лоша состојба“ на глобално ниво, бидејќи поради своите одлуки значително загубила од моќта, особено во три големи области: безбедноста, економската моќ и енергетиката.

Сијарто рече и дека, како што му покажала деветгодишната соработка со другите европски министри, ЕУ кај глобалните, оддалечени судири, секогаш ги повикува двете страни да седнат на масата и да постигнат мирно решение, но дека во случај на руската инвазија во Украина тоа не го прави.

„Кога зборувате за неопходното брзо примирје и прекин на огнот, веднаш ве судат и стигматизираат како руски шпион, пропагандист на Кремљ и пријател на Путин“, рече унгарскиот министер.

На економски план Сијарто истакна дека ЕУ во 2010 година имала 22 отсто во светскиот бруто домашен производ (БДП) во однос на кинеските 9 отсто, но дека денес азискиот гигант има 18 а европскиот блок речиси исто толку. Конзервативниот унгарски политичар смета дека ЕУ не го пронашла „вистинскиот начин“ за однос со растечката кинеска економија, како и дека тоа е лошо за европската економија.

„Посилната соработка со Кина е нешто што би помогнало во растот на европската економија“, смета Сијарто.

По прашањето на енергетиката, шефот на унгарската дипломатија смета дека во ЕУ премногу се водат од идеологијата а премалку од нејзиниот физичко-инфраструктурен аспект. Истакна дека во оваа област клучно е ЕУ да биде „посилна и поголема“, односно што е можно повеќе да го забрза процесот на проширување.

„Годината 2030 е во ред, но зошто тоа не би било утре?“, запраша Сијарто, алудирајќи на изјавата на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој ден преходно рече дека ЕУ и земјите кандидатки мора да бидат подготвени за проширување до таа година.

Сијарто додаде дека подрачјето на западен Балкан е и клучното за транзитот на енергенстите, што е дополнителна причина за проширувањето на ЕУ на овој регион.

Француската државна секретарка за европски прашања Лоренс Боне во дискусијата рече дека без проширување нема да има безбедност во Европската унија.

„Доколку сакаме мир, безбедност и стабилност, потребно ни е тоа проширување“, рече Французинката и додаде дека ЕУ е под закана бидејќи е „најголемиот демократски регион во светот“.

Боне смета дека на проширувањето треба да се работи пред изборите за Европскиот парламент, бидејќи оваа инстуција на ЕУ моментално е наклонета кон проширувањето, а тоа „можеби нема да биде случај“ во јуни следната година.