Сијарто: Решенијата на ЕУ за Украина не функционираат

Единствениот начин да се стави крај на конфликтот во Украина е преку прекин на огнот, инсистира унгарскиот министер за надворешни работи.

Првиот чекор во воспоставувањето мир во Украина треба да биде да се спречи убиството на луѓето и да се воспостави прекин на огнот што е можно поскоро, вели унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто во интервјуто за шведскиот јавен телевизиски сервис, SVT.

Дипломатот ја отфрли идејата за снабдување на Украина со оружје, како што тоа го прават голем број земји од НАТО, како остварлив метод за постигнување мир во земјата. На прашањето зошто Унгарија одбива да испрати оружје во Киев, Сијарто укажа на катастрофалните последици од војната и како западните оружја само го влошија конфликтот.

„Погледнете ја инфраструктурата, погледнете ги луѓето, погледнете го бројот на луѓе кои ја напуштаат земјата, погледнете ги нивните поранешни куќи, погледнете ја штетата, енергетската инфраструктура. Оваа земја се урива, се уништува. Мислам дека тоа не би било интересно за никого“, рече тој.

Сијарто изјави дека Унгарија, за разлика од другите европски земји, гледа приоритет во тоа како „да се престане со убивањето“ и посочи дека единствениот начин да се постигне тоа е да се влезе во дискусии кои можат да доведат до одржлив мировен договор.

Тој, исто така, истакна дека решенијата што се нудат во Европа „едноставно не функционираат“, а, санкциите, не постигнале ефект.

„Веќе воведовме пакети санкции. Дали нè приближи до решение? Не. Дали тоа ја направи војната помалку брутална? Не. Дали ја стави Русија на колена? Не. Дали нè повреди? Да.”

Коментарите на Сијарто доаѓаат откако генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг минатиот месец изјави дека „единствениот начин“ да се гарантира „траен и праведен мир“ во Украина е да продолжи да му се обезбедува воена поддршка на Киев.

Москва, сепак, постојано ги критикуваше испораките на оружје од Запад за Украина, тврдејќи дека тоа служи само за продолжување на конфликтот и во суштина ги прави земјите од НАТО учесници во сега веќе едногодишниот конфликт. Минатиот месец, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу предупреди дека ако Киев добие оружје со долг дострел од Запад, Москва ќе биде принудена уште повеќе да ја „отфрли заканата“ од руските граници.