Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави во вторникот дека очекува војната во Украина да заврши што е можно поскоро и верува оти победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД ќе придонесе за тоа.
Во Јахорина во близина на Сараево, каде што учествуваше на деловна конференција организирана од владата на ентитетот Република Српска, Сијарто им рече на новинарите дека изборот на Трамп доведе до ситуација во која досега има најголеми шанси за постигнување мир во Украина и дека тоа е пристапот што Будимпешта упорно се залага.
Сијарто рече дека Унгарците не веруваат дека решение за Украина може да се најде на бојното поле, додавајќи дека сега треба „да престанат да испраќаат оружје“ и да почнат да преговараат, но признава дека таквата позиција на Будимпешта е во малцинство во Европа, дури и иако наводно преовладува во другите делови на светот.
Ги обвини „левичарските медиуми во Европа“ за создавање лажна слика за тоа кое е решението за Украина кога тие се залагаат за континуирана поддршка за таа земја во нејзините напори да се одбрани од руската агресија.
Сијарто тврди дека на Европската унија сега и е потребна нова стратегија, бидејќи не може да го замени повлекувањето на САД од поддршката за Украина ниту финансиски, ниту со набавка на оружје, и очекува дека токму тоа ќе се случи.
„Се надеваме дека Доналд Трамп ќе ги реализира своите планови што е можно поскоро и дека ќе има мир што е можно поскоро“, рече Сијарто.