Сијарто: Во Париз денеска се среќаваат „провоените“ европски лидери

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави дека во понеделникот во Париз се среќаваат „провоените, анти-Трамп“ европски челници кои сакаат да го спречат мирот во Украина, како и дека Будимпешта го поздравува дијалогот меѓу Русија и САД.

„Гледаме дека во Европа се на потег оние кои не сакаат мир. Во Европа се организира провоен камп. Тие денеска ќе се сретнат во Париз“, рече Сијарто на прес-конференција во Астана со неговиот казахстански колега Мурат Нуртле, пренесува унгарската агенција MTI.

Европските челници се состануваат во понеделник во Париз на итен самит за да разговараат за плановите на американскиот претседател да стави крај на војната во Украина поради стравувањата дека ќе бидат исклучени од разговорите. Целта е да се договори заедничка стратегија за тоа како да се справат со Трамп, да се разгледа што може да му се понуди и да се види кои се европските ограничувања кога станува збор руската инвазијата во Украина.

Унгарскиот министер смета дека со враќањето на републиканецот во Белата куќа, во светската политика се појавила сосема нова реалност од која полза ќе имаат и Унгарија и Казахстан.

„Зборуваме за две земји кои секогаш го заговараа ставот за мир и водеа патриотска, суверена политичка стратегија“, рече Сијарто.

Унгарскиот министер рече дека Казахстан и Унгарија отсекогаш биле водени од „нормалноста“ и „националните интереси како врвен приоритет“, поради што станале цел на меѓународниот неолиберален „мејнстрим“, но тоа се менува со доаѓањето на Трамп.

„Затоа, го поздравуваме враќањето на руско-американскиот дијалог на највисоко ниво“, продолжи Сијарто, велејќи дека мировните политики на американскиот претседател имаат најголеми шанси за ставање крај на војната.

Рече и дека Унгарија, исто така, ги водела напорите да ги задржи отворените каналите за комуникација, поради што западноевропските земји ја напаѓаат.

„Ние бевме наречени руски пропагандисти и шпиони само затоа што се залагавме за дипломатско решение и јасно кажавме дека конфликтот не може да се реши на бојното поле“, рече министерот на земјата која е најмногу зависна од руските енергетски производи од сите членки на Европската унија, поради што ѝ беше дозволено да биде исклучок во воведувањето санкции против енергетскиот сектор на Русија.

На неформалниот собир во Париз ќе присуствуваат францускиот претседател Емануел Макрон, премиерите на Германија, Велика Британија, Италија, Полска, Шпанија, Холандија и Данска, како и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, пренесува агенцијата AFP.

Словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар го критикуваше фактот што не биле поканети претставници на други европски земји.

„Симболично, организаторите на самитот во Париз му покажуваат на светот дека дури и во рамките на ЕУ не се третираат сите земји подеднакво“, критикуваше Пирц Мусар.