Сијарто: Унгарија ќе отвори конкретни преговори со новата влада во Скопје

За време на претседавањето со Европската унија, кое започнува на 1-ви јули, Унгарија ќе одржи меѓувладини преговори со сите пет кандидати за членство од западен Балкан а ќе се обиде да започне „конкретни преговори со новата, силно проинтеграциски ориентираната влада на Северна Македонија“, изјави во средата во Париз шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто.

Зборувајќи на конференцијата на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), Сијарто рече дека Унгарија, за да го забрза проширувањето на ЕУ кон западен Балкан ќе отвори нови поглавја во пристапните преговори со Србија а планира и затворање на најмалку седум поглавја од преговорите со Црна Гора.

Тој, исто така, реле дека Будумпешта планира да ги отвори првите поглавја со Албанија и да ја усвои преговарачката рамка со Босна и Херцеговина, што е прв чекор кон отворање на преговорите.

Интеграцијата на овие земји во ЕУ е „економски, како и политички и безбедносен интерес на Унгарија“, рече Сијарто.

Унгарските инвестиции во регионот достигнаа 2,5 милијарди евра, а трговијата се зголеми за четири пати на повеќе од 7 милијарди евра од 2010 година, посочи тој.

Унгарија, исто така, помага со испраќање експерти и обучени службеници да им помогнат да се движат во „комплицираниот процес на пристапување“, рече Сијарто.

Сијарто рече и дека централна Европа и западен Балкан можат да бидат „мост“ меѓу Истокот и Западот, што е многу потребно „за враќање на соработката Исток-Запад заснована на меѓусебно почитување и може да го покаже излезот од сегашниот турбулентен кризен период. “

„Унгарија е подготвена да ја преземе оваа улога и во тоа да ги поддржи земјите од западен Балкан“, изјави унгарскиот министер за надворешни работи.