Зини земјо голтниме да ја покриеш оваа невидена срамота.
Вицепремиерка и министерка за одбрана така ноншалтно признава дека е дел од снимката во друштво на Бојан Јовановски во неговиот дом и специјалната обвинителка Катица Јанева и ништо помалку или повеќе разговарале за Законот за јавно обвинителство.
Ех, Радо Радо, никој не е против дружењето, ама, со оглед на функциите што ги извршува(в)те, во нормална демократија ова ќе беше на сите насловни страници и немаше да го дочекаш утрото на позицијата на која си, туку за 5 минути ќе си поднесеше неотповиклива оставка.
Демагогијата на политичарката Радмила Шекеринска константно се потврдува, па така и сега.
Да потсетиме за што станува збор.
Шекеринска во вчерашната емисија „Само Вистина“ на Канал 5 потврди дека е третата личност снимена одзади на средба со поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и шоуменот Бојан Јовановски во неговиот дом. Јанева и Јовановски првостепено се осудени на седум и девет години затворска казна во случајот „Рекет“.
Министерката за одбрана рече дека со Јанева и Боки 13 зборувале за тоа зошто не може да се донесат измените во Законот за јавно обвинителство и дека не видела кој ги снима во тој момент.
„Зборувавме за една многу актуелна тема во тоа време, а тоа беше зошто не може да се донесе Законот за јавно обвинителство“, рече Шекеринска, одговарајќи на прашање.
Таа додаде дека и претходно се сретнувале со Јанева и Јовановски, но и дека опозиционерите редовно имаат средби со сопственици на медиумите.
Вицепремиерка во актуелната Влада, тогашната специјална обвинителка и сопственик на телевизија, подоцна и двајцата обвинети во случајот „Рекет“. Но и тоа не е се! Зошто? Затоа што Јовановски вчера најави кривични пријави за 40-тина лица, поголем политичари од актуелната власт.
Имајќи ја предвид ваквата констелација, едноставноста на зборовите кажани од Шекеринска паднале во филџанот со кафе кои ги проголтала во истиот момент, мислејќи дека народот пие нафта и не разбира ништо.
Ова е директно признание дека се штимувале случаи во надлежност на СЈО, што е далеку од правото и правната држава, а најдалеку од независноста на судската власт.
Секој треба одговара за стореното во фер и независна постапка, без разлика на каква функција е или колку голем стопанственик е. Договарањето во четири (шест …) очи укажува дека одлуките се носат на друго место, а други ги спроведуваат. Оваа е најголемата рак-рана на која постојано не потсетува Европската унија, а ќе биде нашата најголема препрека за членство во ЕУ.
Прашање е како да се поправи оваа слика. Па нема да се поправи, ако една вицепремиерка вели дека се собрале онака да диксутираат за Законот за јавно обвинителство, а патем спомнува дека имале уште неколку средби. Абре што слатко било кафето кога се муабети за Законот за јавно обвинителство.
Дали останатите седенки биле во проширен состав и кој се бил на нив? За кои закони разговарале? За кои случаи од СЈО се разговарало? Кои лица биле тема на разговорот поврзани со СЈО? Дали се разговарало за конкретни акции и пресуди?
Ова се само дел од прашањата што се поставуваат по признанието на Шекеринска. Но, најбитното е колку луѓе настрадале од ваквите кафе-муабети?!
Утрово прочитав еден виц во која мајката му вели на синот:
„Што снаа ми донесе в куќа?
Мајка и судијка, татко и јавен обвинител, брат и стопанственик.
Цела мафија“!
Предметот „Рекет“ можеби е само една насока за организиран криминал поддржан од највисоките врвови во власта. Ова ги разби заложбите за власт со чест која не рекетира, нема да упаѓа во криминал (да става в џеб), нема да врши притисок …
За да биде се во контекст со заложбите до доаѓањето на власт, а и прокламациите во сегашната изборна кампања, Шекеринска веднаш треба да си поденесе оставка од морални причини, додека надлежните органи на прогонот веднаш да преземат мерки за да се расчистат повеќе прашања.