Кинескиот претседател Си Џинпинг, кој попладнево допатува во државна посета на Париз, потврди за францускиот весник Фигаро дека има намера „да работи со Франција и целата меѓународна заедница за решавање на криза“ во Украина.
-Се надеваме дека мирот и стабилноста брзо ќе се вратат во Европа и имаме намера да работиме со Франција и целата меѓународна заедница за да најдеме добри начини за решавање на кризата, напиша Си во колумна објавена во парискиот весник.
– Го разбираме пресвртот што украинската криза го предизвика за Европејците. Кина не е изворот на оваа криза, ниту е страна или учесник во неа, додаде Си, наведувајќи дека неговата земја отсекогаш играла конструктивна улога во промовирањето мирно решение за конфликтот меѓу Русија и Украина.
Кинескиот претседател потсети дека во неколку наврати повикал „да се почитуваат целите и принципите на Повелбата на ОН, да се почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на сите земји, да се земат предвид легитимните безбедносни проблеми на различните страни и да се инсистира на императивот да не да користи нуклеарно оружје или да се води нуклеарна војна“.
Кина „и обезбеди хуманитарна помош за Украина, а нашиот специјален пратеник неколкупати патуваше во тие земји“ (Украина и Русија), додаде Си.
Кинескиот претседател првпат по пет години е во посета на Европа. Тој денеска пристигна во Париз и веднаш имаше средба со францускиот премиер.
Утре тој ќе се сретне со неговиот француски колега Емануел Макрон, кој на состанокот има намера да се ангажира за комерцијален „реципроцитет“ и да бара решение за војната во Украина, имајќи предвид дека кинескиот претседател продолжува да искажува поддршка на Русија.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен утре ќе се приклучи на разговорите меѓу Си и Макрон во Елисејската палата.
По државната посета на Франција, Си од среда до петок ќе патува во Србија и Унгарија.