Кафулињата, рестораните и салите за вежбање во австралиската метропола Сиднеј беа отворени во понеделникот, по речиси четири месеци „затворање“, но само за гостите вакцинирани против коронавирусот, бидејќи Австралија почнува постепено да се „отвора“ благодарејќи на сѐ поголемиот број целосно вакцинирани.
Некои пабови во најголемиот австралиски град ги отворија своите врати во понеделникот веднаш по полноќ, бидејќи многумина гости дојдоа на полноќно пиво, покажуваат телевизиски снимки и фотографиите на социјалните мрежи.
„Мислам дека сите во целата држава се доста возбудени поради изминатите сто дена“, изјави премиерот на сојузната држава Нов Јужен Велс, Доминик Перотет.
Повеќе од пет милиони жители на Сиднеј беа „затворени“ во строгиот „локдаун“ од јуни за да се сузбие ширењето на позаразната делта варијанта на коронавирусот, која од тогаш се прошири на Мелбурн и на главниот град Канбера, што во овие градови доведе до строгите епидемиски мерки.
Перотет ги повика жителите на Сиднеј да не претеруваат со возбудата поради излегувањето од „локдаун“ и предупреди дека бројот на заразените ќе е зголеми по повторното отворање.
Според ублажените прописи, 10 потполно вакцинирани лица може да се соберат во дом, додека 100 такви може да присуствуваат на венчавки и погреби.
Малопродажните дуќани може да отворат со намалени капацит, бидејќи државата настојува да ја достигне стапката на вакцинираност од 80 отсто до крајот на октомври, кога ограничувањата ќе бидат дополнително ублажени.
Меѓутоа, невакцинираните граѓани ќе мора да останат дома до 1-ви декември.
Државата Нов Јужен Велс, чиј главен град е Сиднеј, ги олабави прописите за „затворање“ откако е постигната џелта од 70 отсто целосно вакцинирани од возрасната популација.
Бидејќи се зголемува бројот на вакцинираните жители, Австралија планира постепено враќање во нормалата, па од ноември дозволува целосно вакцинираните слободно да влегуваат или да ја напуштаат земјата.
Австралија во март 2020 година ги затвори своите меѓународни граници, поради што бројот на заболените од коронавирусот беше релативно низок, вкупно 127.500 случаи на зараза и 1.440 смртни исходи од болеста.