Иако по пауза од неколку првенствени кола, неговиот тим најпосле освои еден бод, новиот предводник Милан, Кларенс Сидорф е убеден дека „росонерите” се на вистинската патека и дека во најбрз можен рок ќе стават крај на најлошиот период во последните 20 години.
Позитивното разположение се должи на големиот бод кој фудбалерите на Милан го освоија во дуелот против секогаш незгодниот тим на Лацио.
„Моите фудбалери покажаа дека се една компактна група, која сака да оди само напред. Секој на секого му помагаше и штета што не ги освоивме сите три бода. Секогаш има криза во клубот кога тренерот ќе добие неочекуван отказ. Јас морав оваа група на фудбалери да ја вратам на вистинската патека и можам да кажам дека сум задоволен од напредокот кој е постигнат во последните неколку недели. Секогаш го даваме максимумот, но мора да ги елиминираме сите недостатоци, не смееме да му дозволуваме на противникот да создава сериозни шанси пред нашиот гол. Ремито во Рим е само уште еден позитивен чекор”, изјави младиот холандски стручњак.