![opec](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2018/09/opec.jpg?resize=640%2C363&ssl=1)
Цените на нафтата на меѓународните пазари во вторникот се стабилизираа над нивото од 73 долари, по сигналите од водечките производители дека може да го одложат зголемувањето на понудата.
На лондонскиот пазар попладнето со барелот се тргуваше за 43 центи повисока од вчерашната цена на затворање од 73,44 долари. Вчера го заврши тргувањето со загуба од 2,16 долари.
На американскиот пазар барелот денеска поскапе за 44 центи и се смени по цена од 69,38 долари. Вчера ја затвори трговијата во минус 2,30 долари.
Засебно Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) објави дека во понеделникот цената на барелот од референтната нафтена кошничка на нејзините членки се намалила за 85 центи, на 73,58 долари.
Трговците вчера беа фокусирани на извештајот на американското издание Axios дека Израел и либански Хезболах се блиску до договор за условите за прекин на огнот. Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во понеделникот одби да го коментира извештајот. Портпаролот на заменик-претседателот на либанскиот парламент, Елиас Бу Сааб, изјави за Reuters во Бејрут дека „нема сериозни пречки“ за почеток на имплементацијата на договорот со Израел предложен од САД.
Договорот за прекин на огнот во Либан ќе ги намали изгледите за нови санкции за иранската нафта по влегувањето на Доналд Трамп во Белата куќа, велат аналитичарите на ANZ. Иран, инаку, произведува околу 3,2 милиони барели нафта дневно.
Некои аналитичари заклучуваат дека распродажбата на нафтените пазари е прекумерна, бидејќи конфликтите на Блискиот исток не го нарушија значително снабдувањето, а премиите за ризик не се зголемија значително оваа година, според Пријанка Сачдева од „Phillip Novа“.
Водечките производители од OPEC и нивните сојузници независни големи извозици предводени од Русија посочија дека би можеле да го одложат планираното зголемување на понудата.
Поради намалената побарувачка, оваа групација позната како OPEC+ го одложи рокот за зголемување до почетокот на следната година, а азербејџанскиот министер за енергија Парвиз Шахбазов во вторникот изјави за Reuters дека може да го задржат на сегашното ниво и во јануари. На неделниот состанок на групата може да биде споменето можноста за континуирано намалување на понудата, посочи азербејџанскиот министер.
„OPEC+ можеби ќе разговара за промена на производството на нафтата, а можеби и не. Тешко е да се предвиди“, додаде Шахбазов.
Трговците будно ги следат и најавите на новиот американски претседател Доналд Трамп, чиј мандат започнува кон крајот на јануари следната година. Во понеделникот Трамп рече дека ќе воведе царини од 25 отсто на сите производи од Мексико и Канада, без да прецизира дали мерката ќе ja вклучува нафтата.
Канада извезува четири милиони барели нафта дневно, главно во САД, а аналитичарите шпекулираат дека новиот американски претседател најверојатно нема да ја вклучи канадската нафта во царините, бидејќи на САД ќе им биде тешко да најдат замена поради нејзиниот специфичен состав, погоден за американски рафинерии.
И канадските нафтени компании гледаат предности во влегувањето на Трамп во Белата куќа. Трамп би можел да ги олабави регулативите, а канадските власти би можеле да го следат неговиот пример, вели извршниот директор на здружението на производители Тристан Гудман, истакнувајќи дека новиот станар на Белата куќа може да ги принуди канадските компании и државата да инвестираат повеќе за да не заостанат уште повеќе зад панданите во САД.
„Дефинитивно има повеќе позитивни елементи отколку негативни, но со неколку непознати“, заклучува Гудман.